Од 1 јануари ќе биде многу полесно вработувањето во Германија бидејќи тамошната влада усвои нов закон за вселување на стручна работна сила за која ја поедностави процедурата за работниците од третите земји. Сепак, колку и да се олеснети процедурите, пред да ги спакувате куферите, треба да ги имате сите информации.
Германската федерална влада го усвои долгоочекуваниот закон за миграција со кој се отстрануваат повеќе бирократски пречки за мигрантите што бараат работа во Германија, а особено ќе се олеснат доселувањето и вработувањето на работниците од земјите што не се членки на ЕУ, а со тоа и на оние од Балканот.
Кабинетот го одобри законот за имиграција на квалификувани работници наменет за намалување на пречките за влез на работници од земјите што не се членки на ЕУ. На секое лице што е квалификувано би требало да му се дозволи влез во земјата без договор за работа.
– Ова е добар ден за модерна Германија – истакна сојузниот министер за труд Хубертус Хејл, додека министерот за економија Петер Алтмаер оцени дека денот е историски.
Со новата регулатива германската сојузна влада сака да го реши недостигот од квалификувани работници, што веќе е бариера за раст во некои индустрии и региони, смета Хејл.
Законот за овозможување на вработувањата би требало да создаде нови перспективи за подобра интеграција на одбиените баратели на азил. Таканаречената толеранција за вработување на барателите на азил што живеат во Германија, а чии барања се одбиени, би им овозможила шанса за сигурно добивање дозвола за престој. Според новиот закон, ним би им било дозволено да останат во Германија две и пол години. Еден од предусловите е да работеле со полно работно време (најмалку 35 часа) најмалку 18 месеци, со социјално осигурување.
Како што пренесуваат одредени медиуми, ако законот добие зелено светло од Бундестагот, тој ќе стапи во сила во 2020 година. Сè уште е неизвесно дали конзервативното крило на владејачката Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ќе ги прифати измените на законот.
Меѓутоа, законот за имиграција и вработување на квалификувани работници засега важи само во тек на ограничен временски период. Законот ќе стапи во сила на 1 јануари во 2020 година (за што Бундестагот сè уште треба да одлучи) и почетно ќе се применува само до 30 јуни 2022 година. Тоа значи дека ако следната сојузна влада не го обнови законот, тој ќе се применува само две и пол години.
Германија и понатаму има проблем со недостиг на медицински сестри и техничари. Ако одите да работите во оваа струка, тоа значи дека ве чека многу работа. Лошата страна е дека на работа ќе ве викаат и кога сте слободни, а добрата работа е што ќе ви биде дополнително платено, од 80 до 100 евра по повик.
Тука доаѓаме до клучната работа – платите. Секако дека платата е многу поголема отколку во балканските земји, но треба да се земат предвид и високите трошоци за живот, како и дискриминаторниот данок. Германија најмногу ги оданочува оние што не се во брак и немаат деца. Ним од бруто-платата им се одбиваат околу 40 отсто за даноци и придонеси. Притоа, бракот што е склопен во матичната земја не важи, освен ако во Германија не сте отишле заедно со сопругот/сопругата и децата.
Тоа значи дека немажена Македонка или омажена што отишла сама во Германија, од 2.220 бруто-плата за медицинска сестра, ќе добива 1.230 евра на сметка.
Инаку, во Германија најмногу се бараат:
– Негувателки;
– Медицински сестри;
– Лекари;
– ИТ-експерти (особено софтвер и девелопер-инженери);
– Занаетчии од секаков вид, а најмногу водоинсталери;
– Електроинженери;
– Наставници (особено по математика и по други природни науки);
Минималната плата е 1.300 евра и главно ја примаат занаетчиите. Негувателките и медицинските сестри добиваат плата од 1.300 до 1.800 евра, додека лекарите и ИТ-експертите работат за нето-плата од 3.000 до 6.000 долари. Треба да се земе предвид дека платите во Германија драстично се разликуваат од регион до регион.
Од платата најмногу пари треба да се издвојат за стан, кој може да изнесува 800 евра и повеќе. Од друга страна, храната е евтина, а многу од производите се поевтини и од Македонија.
И на крај, ако сте и понатаму решени да заминете, околу процедурата не мора да се грижите. Она што мора да го исполнувате е одредено ниво на знаење на германскиот јазик. Највисоко ниво на знаење Б2 – Ц1 е потребно за следните професии: фармацевт, оператор на развој на софтвер, веб-девелопери.
Ниво Б1 и Б2 (во зависност од регионот) се потребни за негуватели, терапевти, вработени во услужни дејности, стручен персонал во хотелиерството, превоз на луѓе, персонал во болници, квалификувани работници, квалификувани електричари со дозвола за приклучување на струја, професии со положен мајсторски испит, инсталатери. Најниско ниво А1 – А2 е неопходно за возачи на камиони, работници помошници и помошен персонал во кујните.
Според новите прописи, во Германија можете да одите и пред да најдете работа, па да барате работа директно таму. Исто така, новост е тоа што можете да работите додека чекате нострификација на дипломата.
Работниците ќе можат да се пријават за постојан престој доколку четири години постојано имаат дозвола за престој, работат и плаќаат пензиски систем најмалку 48 месеци. Доколку професионалните квалификации ги стекнале во Германија, тој период е скратен на три години.
Извор: Факултети