Ракометарот на Вардар емотивно – Се навикнавме на беспарицата, можеме да преживееме и без плата, ама не и без овој Вардар

Долгогодишниот претседател на Вардар, Михајло Михајловски, е подготвен да помогне за надминување на кризата во таборот на актуелниот европски првак.

Тој веќе имал и состанок со ракометарите, на кој бил присутен и актуелниот газда, Сергеј Самсоненко, при што се дискутирало за решавање на огромните финансиски проблеми со кои се соочуваат „црвено-црните“.

Иван Чупиќ не може да крене глава од новинарите, кои се интересираат за ситуацијата во вардаровиот табор, особено за фактот како тој и неговото семејство се снаоѓаат без воопшто да примат плата.

„Секако дека не е идеално, но за нас играњето без плата и не е никаква новост или нешто што ни се случува првпат. Семејството ми е в ред и тоа ми е најважно. Секој си има своја работа, некој оди во градинка, некој во училиште, некој игра ракомет. Се навикнавме на беспарицата. Се издржува, можеме да преживееме и без плата, ама не и без овој Вардар“, открива Чупиќ.

Според хрватскиот крилен ракометар, во тимот сите се свесни за големите финансиски проблеми, но тие што во моментов се тука воопшто и не размислуваат да си заминат пред крајот на сезоната. Тој откри дека имале состанок со сопственикот Сергеј Самсоненко и дека до крајот на месецов многу повеќе работи околу иднината ќе бидат познати.

„Ниту ние што останавме, ниту навивачите кои ги има во голем број не сме се откажале од Вардар, а сигурен сум дека тоа никогаш нема да се случи. Сѐ останато е висока политика во која не се разбирам.

Имавме состанок со Самсоненко и Михајло Михајловски, кои ни кажаа многу повеќе работи ќе се знаат до крајот на месецот. Што конкретно, не знам. Но, како и да е, до крајот на сезоната сум тука, а мислам исто размислуваат и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо“, додаде Хрватот.

Вардар минатиот викенд го победи Мотор иако пред натпреварот остана без двајца важни ракометари, Данаис Криштопанс и Павел Атман, кои не издржаа да играат без плата и си најдоа нова средина. Добрата игра и големата енергија им дава надеж на црвено-црните за уште подобри игри во решавачкиот дел од сезоната во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.

Претходна статија(ФОТО) Српските пејачи Аца Лукас, Зорица Брунцлик и Карлеуша на роденден кај македонската фолкерка
Следна статија(ВИДЕО) Иако буквално спие на пари, докажа дека има големо срце: Вдоми двајца бeздoмници