Ова веќе не се издржува – со кого да направиш муабет или е позитивен или во изолација

0

Последниот бран од корона пандемијата, се чини дека и најголемите „неверни Томи“ ги натера да поверуваат дека вирус има и дека е тука меѓу нас.

Изминатата година, можеа да се прочитаат многу коментари од типот, нема ништо, не лажат, ги плаќаат фамилиите на поч инатите да кажат дека нивниот роднина имал корона и уште еден куп небулози, со кои се сакаше да се релативизира состојбата.

Психолозите овие појави на социјалните мрежи ги оценија како вентил за справување со стравот кој граѓаните го чувствуваа. Со негирањето на постоењето на вирусот, всушност си го смируваа внатрешниот немир.

Но по овој втор бран, здравствените власти, не само кај нас, излегуваат пред јавноста и кажуваат отприлика вака:

„Корона е присутна меѓу нас, вирусот никаде не е заминат, тој е тука и долго време ќе биде тука, до крајот на масовната имунизација на населението, а за тоа можеби ќе треба да причекаме до крајот на годината.

Затоа, треба да се научиме да функционираме и да живееме со вирусот, да се држиме до препораките, да одржуваме социјална дистанца, да носиме маски, да одржуваме лична хигиена.“

Сега веќе, коментарите на социјалните мрежи се пореални. Еден од нив вели вака:

Немам каде да се испразнам, но сакам. Ова веќе не се поднесува. Аман, до кога ќе трае, ме тепа психа, нервно попуштам…

Живеам во Скопје. Искрено да ви кажам, вака не се чувстввував ниту на почетокот на пандемијата лани.

„Се јавувам кај една другарка, ми вели јас, сестра ми и мајка ми сме позитивни. Сестра ми само кашлаше, јас имав еден ден температура, а мајка ми малку потешко поминува. Татко ми е негативен.

Друга пријателка ми вели дека колешка нивна од канцеларија излегла позитивна и е дома во изолација. Но на останатите им рекле дека ќе дојдат деновиве да ги тестираат, да си продолжат да си одат на работа.

Јас навистина не можам веќе. Само за тоа се зборува со кого да заправиш муабет, психа веќе ме јаде…“

Се доаѓа до моментот за кој психолозите предупредуваа, а тоа е соочувањето со вистината.

Ова кај различни луѓе ќе има различно влијание и државата мора да се погрижи на оние на кои ќе им треба стручна помош за справување со психолошките состојби, да им се овозможи.

Прифаќањето на реалноста и учењето за живеење на новото нормално е неопходно. Можеби не толку поради социјалниот живот, туку повеќе поради запирањето на лекарските прегледи, следењето на хроничните состојби, превентивниот скрининг и прегледи на граѓаните.

Секако, тука е и економскиот момент, нешто што засега се амортизира, но доколку продолжи ваквата состојба, државата може да се доведе во незавидна состојба, а најголемите последици ќе ги чувствуваат повторно граѓаните.

Претходна статијаВие ни завидувате, но знаете ли дека првата година во Швајцарија спиев како куче
Следна статијаУбава си душо: Фрчат комплименти за Бубе Јаневска од обожавателите, има и зошто (ФОТО)