СЗО вчера прогласи Пандемија – еве што тоа значи и како треба да се однесуваат граѓаните

0

СЗО вчера прогласи пандемија за Ковид-19. Еве кои се причините за прогласување пандемија и што се очекува од владите и граѓаните во земјите во кои вирусот е присутен.

Случаите што вклучуваат патници што се заразиле во странска земја и потоа се вратиле во матичната земја, или кои биле заразени од тој патник, познат како „прв пациент“, не се сметаат за причина за прогласување пандемија. Мора да има втор бран на инфекција од лице на лице низ целата заедница.

Откако ќе се прогласи пандемија, станува поверојатно дека ќе дојде до ширење низ заедницата, а владите и здравствените системи треба да покажат дека се подготвени за тоа.

Епидемијата, од друга страна, е ненадејно зголемување на бројот на заразени од болест што може да биде уникатна за една земја или заедница.

Пандемија беше прогласена откако случаите на коронавирус почнаа брзо да се зголемуваат низ целиот свет. Бројот на заразените надвор од Кина се зголеми за 13 пати во последниве две недели, рече Тедрос. Во истиот период бројот на земјите погодени од епидемијата се зголеми за трипати.

Организацијата ја дефинираше пандемијата како „распространето ширење на нова болест во светски рамки“. Но не постои строга дефиниција за тоа колку сериозна треба да биде болеста, а претходните пандемии имале различни стапки на смртност.

Тука СЗО го има крајниот збор. Не постои праг, како што е одреден број на починати или заразени или број на погодени земји што треба да се исполни. На пример, коронавирусот САРС, идентификуван во 2003 година, не беше прогласен за пандемија од СЗО и покрај тоа што погоди 26 земји. Сепак, неговото ширење брзо беше запрено, а само мал број нации беа тешко погодени, меѓу кои и Кина, Хонг Конг, Тајван, Сингапур и Канада.

Ако прогласувањето пандемија предизвика глобална паника, ова може да ги попречи обидите да се подигне свеста. Многу текстови се напишаа за тоа дали прогласувањето на свинскиот грип за пандемија во 2009 година предизвика непотребна паника, ги преполни одделите за итни случаи и предизвика владите да потрошат непотребно многу пари за антивирусни лекови.

Симптомите на коронавирус обично се благи и повеќето луѓе оздравуваат во рок од шест дена. Сега кога СЗО го прогласи ковид-19 за пандемија, што ќе значи тоа за третманот и подготовките за појавата?

СЗО истакна дека користењето на зборот „пандемија“ не сигнализира промена во нејзините совети. Таа и натаму ги повикува државите да ги „детектираат, тестираат, лекуваат, изолираат, пронаоѓаат и мобилизираат своите граѓани“.

Д-р Натали Мекдермот, академски клинички предавач од Националниот институт за здравствени истражувања на Кралскиот колеџ во Лондон, вели: „Промената на терминот не менува ништо практично, бидејќи на светот во последните неколку недели му беше советувано да се подготви за потенцијална пандемија, што се надевам сите земји го сфатија сериозно.“

„Употребата на овој термин сепак ја истакнува важноста земјите низ целиот свет отворено да соработуваат едни со други и да функционираат како обединет фронт во нашите напори да ја ставиме под контрола таа состојба“.

Треба ли да паничиме поради пандемијата на коронавирус? Не. Преземете ги вообичаените мерки на претпазливост во сезона на грип: избегнувајте близок контакт со луѓе што се болни. Не ги допирајте очите, носот и устата. Покријте ја устата кога кашлате. Останете дома кога сте болни. Чистете ги предметите и површините дома. Мијте ги рацете најмалку 20 секунди.

Ако сте болни, самоизолирајте се. Не ви треба маска за лице освен ако имате ковид-19 и покажувате симптоми. Купувањето маски им ги одзема скапоцените материјали на здравствените работници, на кои им се најпотребни.

Целиот текст прочитајте го на мкд.мк

Претходна статијаНајчевска до пријателите: Сега не се нафаќате да бидете на листи, после не ме барајте да акам со вас по улици
Следна статијаДокторката Нада: Корона вирусот може да исчезне за полa час – откри и како