Најчевска до пријателите: Сега не се нафаќате да бидете на листи, после не ме барајте да акам со вас по улици

0

Професорката Мирјана Најчевска во два статуса помалку резигнирано заклучува дека не секој има храброст да застане на пратеничка листа и дека државата е претворена во театарска претстава:

,,Имам прекрасни другари од невладиниот сектор. Луѓе кои знаат и умеат, луѓе со интегритет и со два гарма мозок. И најголем дел од нив не се уплашија да протестираат против режимот на Груевски и гласно и јасно кажуваат што мислат и акаат до бесвест по улици и не жалат енергија и време да дадат поддршка на правите нешта.

Ама не сакаат ниту да помислат да влезат како кандидати на листите за пратеници. Велат биле независни и не сакаат да ги обележат дека се партиски определени. И јас ги разбирам.

Имајки ги предвид актуелните политички партии кои едно зборуваат а друго прават, кои наметнуваат унифицирани ставови за секое поединечно прашање кои потоа сите треба да ги блеат во ист глас, кои ветуваат без намера да исполнуваат, навистина ги разбирам.

Ама не ги оправдувам што не сакаат да дадат шанса нешто да промениме во ваквата ситуација. Од внатре. И се надевам дека и тие ќе ме разберат кога после завршување на изборите нема да излегувам да акам со нив по улици, и нема да им понудам рамо за плачење и нема да сочуствувам со нивното разочарување.

Не барам да ме оправдаат. Само нека имаат разбирање за мене. Во Македонија нема правна држава и нема демократија. Во Македонија сите глумат правна држава и демократија. И целата држава ја претвораат во театарска претстава во која наместо цврсти, организирани, ефикасни институции, на граѓаните им се сервираат кулиси.

Дури не се ни добро изработени, туку така прошлакани, ама во темницата изгледаат како вистински зданија. Во Македонија нема вистински плурализам. Плурализам на идеологии, на политички ориентации, на визии, на партии … Има само кулиси кои треба да ги залажат граѓаните дека живееме во плуралистичко општетсво.

Последен акт на евидентното едноумие затскриено зад кулисите на полипартијството се предизборните коалиции кои ги формираат двете големи партии: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ формира коалиција со стотина мали партии, СДСМ со нешто помалку. Измешани и баби и жаби. Партиички наменски формирани и одржувани од страна на двете големи партии, платени со наменски измислени и создадени министерства за истражување на изгубени руди или со места во комисии за анализа и промоција на чудно одење, директорски места на новоотворени јавни институции за продавање магла, управни и надзорни одбори за делење пари, се со цел одржување на привидот на плурализмот.

Единствена смисла би ми имало самостојно формирање на политички партии со јасна замисла зошто се формираат и што сакаат и, евентуално коалицирање на поголем број мали партии со слична политичка ориентација и сличен вредносен систем.

Не за освојување на по некое новосоздадено министерство или директорско фотељче или место во сенката, туку за обезбедување посилен глас за конкретни идеи, конкретни групи граѓани, конкретни проблеми и можни алтернативни решенија.

Поштетно за државата од едноумието, според мене е лажниот плурализам и привидот на многуумие.”

Претходна статијаЗаев е убеден во победа – не сака да се одложат изборите
Следна статијаСЗО вчера прогласи Пандемија – еве што тоа значи и како треба да се однесуваат граѓаните