Крајот на минатата година го одбележа “Tesla Cybertruck”, а во текот на оваа година би можел да блесне еден друг електричен пик-ап.
Компанијата “Nikola” објави технички детали и компјутерски рендери од нивниот електричен пик-ап “Badger”. Во споредба со својот конкурент од “Tesla”, овој пик-ап има поконвенционален изглед.
Возилото е со должина од 5,900 мм, ширина од 2,160 мм и висина од 1,850 мм. На рендерите е прикажана таканаречената “Double Cab” верзиј со два реда на седиште покрај товарниот дел, а засега не е соопштено дали “Nikola” ќе произведе и “Single Cab” верзија.
Интересно е тоа што од “Nikola” планираат да произведат две верзии. Иако и двете се електрични, едната ќе користи водородни горивни ќелии за производство на електрична енергија во самото возило, додека другата ќе се потпира исклучиво на батерии и нивно полнење на електрични приклучоци.
Класичната електрична верзија ќе биде опремена со литиум-јонски батерии со капацитет од 160 kWh и ќе има автономија од 483 километри. Моделот со водородни горивни ќелии од друга страна, ќе може да помине дури 966 километри.
Од “Nikola” велат дека електричниот пик-ап ќе има максимум сила од 919 коњски сили, додека возачот на располагање секогаш ќе има 462 коњски сили. Максималниот обртен момент ќе изнесува дури 1,329 Nm. Исто така, од производителот велат дека “Badger” ќе може да пренесе до 3,629 килограми.
Плановите за сериско производство и цената на овој електричен пик-ап не се соопштени, а возилото најверојатно во продукциска верзија ќе биде претставено во септември оваа година.
Извор: Точка