Оваа градска населба на Скопје, се наоѓа на јужната страна од градот во близина на планината Водно. Населбата е целосно урбанизирана.
Населбата Тафталиџе името го добива од турскиот збор тахталиџе, што во превод значи маало со дрвени куќи.
Ова име го добива бидејќи долго време просторот на денешната населбата Тафталиџе била една голема ливада и имало само по некоја дрвена куќа. Откако Турците го зазеле Скопје, земјиштето на денешно Тафталиџе било во сопственост на едно од најпознатите и најугледни турски семејства Хаџи Гали-бегови. Според легендата, семејството Хаџи Гали-бегови за време на Австро-турската војна 1683 – 1689 му биле десна рака на турскиот султан, и затоа, во знак на благодарност, им подарил голем имот во Скопје.
Семејството Хаџи Гали важело за најбогато семејство во Скопје и, покрај Тафталиџе, во нивна сопственост биле уште пет други села. Хаџи Гали-бегови на својот огромен имот во Тафталиџе не одгледувале никакви култури туку целото земјиште било зелена ливада. Семејството ливадата ја оставило за себап на душата, да се шета по неа и турско и каурско. На целата ливада бегот изградил само неколку дрвени куќарки.
И откако Скопје било ослободено од Турците и земјиштето не било ничија сопственост, Тафталиџе важело за излетничко место. На ливадата скопјани се собирале поради чистиот воздух и убавата природа и затоа ова излетничко место кај граѓаните било познато како воздушна бања. Десетина години по Втората светска војна, кога Скопје почнало масовно да се населува, куќи почнале да се градат и во овој дел од градот.
По земјотресот, под управа на познатиот мексикански архитект Педро Рамирез Васкез во Јуни 1964 година е формирана познатата скопска населба Тафталиџе.
Сведоштва и вистински приказни за катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 26 јули 1963 година.
Извор: Скопје инфо