Марин се правда: Ако прекине градбата кај „Мајчин дом“ – ќе пропадне Општина Аеродром

0

Случајот „Мајчин дом“ или почетокот на градбата на деветкатницата во скопски Аеродром прекуноќ ја сензибилизира атмосферата во оваа најголема скопска општина според бројот на жители. Граѓаните го кренаа својот глас за градбата во паркот кај „Мајчин дом“, општината веднаш „крена рачна“, иако инвеститорот тврди дека располага со сите потребни документи и дозволи за градба. Во моментов интензивно се бара решение на проблемот, а за сите детали околу иднината на објектот во интервју за МИА говори првиот човек на општината Златко Марин.

Градоначалнику Марин, дали ќе се грaди кај „Мајчин дом“? Како опозиционер токму од тоа место испраќавте пораки дека ако бидете локална власт, нема да дозволите градење и уништување на зеленилото?

– Јас воопшто немам отстапено од мојот став и сѐ уште сметам дека не е добро таму да се гради. Од првиот ден се обидуваме да го заштитиме тој плац од градење и да најдеме решение во интерес на граѓаните. Во кампањата, но и пред тоа, бев првиот кој апелираше дека ВМРО-ДПМНЕ планира да донесе ваков штетен ДУП и организиравме протести. Во таа фаза спречувањето на оваа градба ќе беше многу полесно и јас лично тоа го иницирав. Потоа насилно се донесе ДУП и во кампањата ветив дека ако победиме, ќе се борам со сите правно достапни механизми да го спречиме градењето. Токму тоа го правиме. Уште веднаш ги доставивме сите потребни документи до Уставниот суд, каде што се поднесени 13 претставки за ДУП И10. Единствено оваа институција може да го поништи ДУП и ја очекуваме нивната одлука. Правиме темелни анализи на можностите за наоѓање решение како да се спречи градењето. Како што веќе неколку пати изјавив, бараме решение во две насоки, едната е наоѓање заменска парцела, а другата е преку обесштетување. Секоја од можностите детално се разгледува и анализира.

Инвеститорот инсистира на градење на објектот. Тој имал средба со граѓаните на која им објаснил дека ги има сите потребни дозволи, дека трпи штети од доцнењето. Што покажуваат вашите анализи, има ли решение?

– Прво се бараше друга парцела, односно заменска парцела, каде што инвеститорот би можел да гради. Разгледани се сите можности на целата територија на општината, се правеа процени на вредноста на парцелите, правни процедури за преземање и префрлање на проектот, сѐ што беше потребно. Се бараа пред сѐ парцели во помалку урбанизираните делови од Аеродром. Потоа, во соработка со Град Скопје и Министерството за транспорт се бараше решение и надвор од територијата на Аеродром. Ова веднаш се покажа како невозможно поради низа правни пречки, но и временски рокови што воопшто не одговараат.

Проблемот е што минатото раководство на Аеродром, како што јавноста добро знае, направи измени во ДУП со кој впиша голема маркичка за градба и со тоа цената на земјиштето вртоглаво пораснала. Јас многу пати апелирав пред да биде донесен ДУП и на протестите, дека пред да се впише маркичката многу лесно може да се најде заменска парцела бидејќи цената на земјиштето е мала. Ова во неколку дебати на телевизија му го сугерирав на претходниот градоначалник, за што тој немаше слух. Со впишување на маркичката, цената на земјиштето порасанала на три милиони евра, цена што веќе ја платил инвеститорот. Сега во Аеродром немаме ни одблиску друга соодветна парцела што може да ја замени оваа. Со носење на ДУП е нанесена огромна штета и нѐ доведува нас како раководство на општината во оваа незавидна позиција. Размислувавме дури и за можност на носење нов ДУП, повторно надвор од урбаното јадро на општината, што би предвидел парцели и маркички што би можеле да ја заменат оваа парцела. Но, проблемот е што таа процедура може да трае и неколку години, а инвеститорот, според она што го кажува, веќе има покренато високи кредити и има големи тековни трошоци. Со чекање само уште повеќе се компликува состојбата, а трошоците растат и тоа не е решение на проблемот. Сакам да потенцирам, вопшто не е точно дека не се бара решение, напротив, направивме многу да најдеме решение. Го бараме сега, но и апелиравме да не се носи ДУП за да не се донесеме во оваа позиција. Тогаш, за жал, јавноста не покажа интерес за оваа тема како сега.

Целото интервју на Вечер.

Претходна статијаСкопјани на тест: Ја препознавате ли населбата, голема ливада со дрвени куќи – денес модерна населба
Следна статијаДоколку вашиот партнер ги прави овие знаци, тоа се први симптоми на неверство