Ова е приказна за РОМЕО И ЈУЛИЈА, вели една објава на Фејсбук која раскажува вистинска македонска приказна за тоа колку животниот пат може да биде непредвидлив и може да не однесе во неочекуван правец.
– Во Скопје во 70′ години ги викале Ромео и Јулија. Ромео бил син на татко академик првоборец и мајка новинар првоборец. Ромео живеел на Водно но бил и еден од главните фраери во Скопје, возел Цитроен жаба, студирал на правниот факултет.
Имал долга густа коса со мошне средена брадичка и бркови во стилот на француските уметници. Го обожувал Париз градот во кој 2 години предавал татко му.
Мајка му со текот на времето станала домаќинка и се грижела за домот и семејството. Била голема домаќинка и обожувала друштво на кафенки и чаенки.
Јулија била ќерка на татко полковник и првоборец и на мајка советник во тогашниот Централен Комитет.
Мајка ѝ потекнувала од познатото семејството на Димишкови, била многу богата, таа пораснала во тантели и свила, но од голема љубов кон сопругот, ги оставила семејството и работата во ЦК и заминала по патеките по кој чекорел нејзиниот сопруг, таткото на Јулија.
Јулија се родила во Скопје, но на 2 годинки заминала од Македонија да живее во Задар а потоа и Сараево, каде што службувал татко ѝ.
По цели 20 години кога татко ѝ на Јулија требал да се врати во Македонија, родителите ја излажале Јулија дека дедо ѝ е многу болен. Јулија така стасала во Скопје, тагувајќи по Сараево и сè што ѝ останало таму.
На тогашното корзо Јулија често шетала со своите братучетки. Ромео ја здогледал и веднаш го оставила без здив, првата мисла која му минала низ глава била таа дека Јулија мора да му стане животна сопатничка.
Јулија била висока, со плава, бела, долга коса, високи газелини нозе и мерлински облини, на неа се задржувал погледот на секој минувач и минувачка. Била омилена, во за неа, новото Скопје.
Ромео без двоумење ѝ пришол на Јулија и ѝ ја искажал својата восхитеност и возбуда. Ѝ предложил веднаш утредента да појдат на ручек и веднаш потоа да ја запознае со своето семејство. Јулија рекла:
Во ред, но таа била многу патријахално воспитувана и се зачудила на Ромеовата “дрскост”. Секако не отишла на закажаниот состанок.
Во наредните два месеци, Ромео, среќавајќи ја Јулија само на корзото и раскажувал и на Јулуја за својата наобразба и своето семејно потекло, неуморно се мачел да ја убеди убавата Јулија да го прифати првиот состанок со него.
Откако Јулија се посоветувала со своите родители и откако луѓето ѝ кажувале само пофални зборови за семејтвото на Ромео, и за самиот амбициозен Ромео, родителите ѝ дозволиле Ромео да ја земе од дома и да ја однесе на нивниот прв ручек.
Ромео ја однел Јулија во ресторанот Панорама и пред да земе здив и да го започне ручекот во полна возбуда веднаш ѝ предложил брак. Јулија била вчудоневидена но сепак импресионирана од храброста на Ромео.
По две години незаборавно забавувавање Јулија се вљубила во Ромео исто колку и тој во неа. Решиле да стапат во брак во далечната 1971 година.
Како плод на нивната голема љубов, во 1972та година, се родила нивната ќеркичка Маја. Таа за нив била круна на нивната вонземна огромна љубов.
Ромео имал немирен дух, тој студирал на правниот факултет и работел во исто време, Јулија студирала на истиот факултет и ја чувала својата керкиčка. Во 1974та година, како дипл.правник и магистрант, Ромео сакал со својата Јулија да на напушти Македонија. Барал нови хоризонти за своите замислени дострели, никогаш не се задоволувал со просечноста.
Се пријавил на конкурс кој бил објавен од тогашниот Сојузен Секретеријат за надворешни работи во Белград, за примање на дипломати од сите републики на тогашната СФРЈ, каде бил примен меѓу првите редови.
Јулија и Ромео се преселиле во Белград. А потоа од таму како дипломат и негова сопруга тргнале и на своите патешествиа низ светот – Либан, Алжир, земјите на Магреб.
Јулија била левата рака на Ромео а Ромео нејзина љубов, сопруг, брат и најголем другар. Двајцата бргу потоа магистрирале и докторилрале. Заедно објавувале книги, заедно печалеле, заедно граделе и создавале. По конфедерацијата на СФРЈ, кон самиот крај на 1980тите се вратиле во татковината. Ќерка им веќе била возрасна и чекорела по свој пат.
Тие двајцата ѝ биле поддршка и грб во секоја нејзина животна одлука. И по враќањето во матичната земја, тие не престанале да творат и да ја негуваат нивната неповторлива љубовна приказна, сè до ко-бниот 04.02.2021 година кога ненадејно срцето на Ромео престана и тој ги затвори неговите топли големи очи и ја остави зад себе својата Јулија.
Уште многу нивни планови останаа неисполнети, уште многу книги на Ромео останаа во ракопис. Јулија сега е само половина од целото, го чека својот Ромео во ноќните сни.
Ги раскажува нивните необични и богати животни приказни на својата внука и и постојано и зборува за храброста, љубовта, трудољубивоста, успесите и големината на нејзиниот “најсакан деде”. Сега утеха ѝ станаа ќерката и внуката и спомените за вечната љубов на Ромео и Јулија.“.
Овој статус пред две години го објави водителката, а сега претпримач Маја Синадиновска, за својот татко, дипломатот, Академик проф д-р Бранислав Синадиновски и нејзината мајка Гордана. Синадиновска е неутешна по загубата на татко ѝ.
– Татко ти си мојот борец, јунак, херој. Работеше мачно, долго, содаваше без застој. Единицата твоја мала порасна, сопруга и мајка стана. Сега имам душа која без тебе нема храна“, објави Синадиновска за својот татко.
Фото: Фејсбук- Маја Синадиновска