Администраторот на популарната група Ковид 19 искуства и совети, Антони Пешев, постави прашање од член на групата кое е дилема, дали некој кој го прележал вирусот, треба да се вакцинира:
Почитувани членови (особено доктори или фармацевти) имаме молба и прашање од наш член на групата. Имаме прашање од АК-2021040…
“Моја блиска роднина прележа Ковид пред 5ипол месеци, а утре има термин за вакцинација со Спутник. Дали може да се вакцинира? Воедно, нема никакви хронични болести, никакви компликации, Ковидот го прележа без големи потешкотии. Ви благодарам однапред”
Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски, кој е еден од најактивните доктори со јавни настапи во оваа пандемиска криза, даде одговор на ова прашање:
-Ајде да расчистиме со дилемите! Не постои причина лице кое прележало ковид да не се вакцинира, независно дали развило или не антитела!
Во ниту една земја во светот во која се спроведува масовна вакцинација, на пример, Израел, САД, Обединетото Кралство и сите други, воопшто не се прашува дали некој прележал ковид и колку време поминало од прележувањето – а камоли да прават серолошки тестови на граѓаните пред вакцинирањето!
Една најнова аргентинска студија покажала дека после давање на една доза на вакцина (Спутник В) кај прележани од ковид , се развил повисок титар на антитела, отколку кај оние што примиле две дози, а претходно немале ковид.(1)
(Патем, ова е доказ дека не постои ризик по здравјето на прележаните лица ако се вакцинираат.)
Ова покажува дека кај прележаните е доволна само една доза за да развијат полн имунитет. Прележаноста на болеста играла улога на прва доза на вакцина.
Ставот да се почека да поминат шест месеци се темели на фактот што бројот на вакцини кај нас е ограничен и фер е прележаните да се стрпат додека да се вакцинираат оние без никаква заштита.
Во врска со изнесените ставови во јавноста дека оние што прележале ковид треба да направат серолошки тест и да си ги определат антителата пред да се вакцинираат, две студии (една во Израел и друга во Катар), покажале дека серолошките тестови не рефлектираат имунитет.
Студиите заклучиле дека испитаниците (12.000 во Израел и 40.000 во Катар), независно дали имале или немале антитела, во тек на период на следење од 35 недели многу ретко имале реинфекции (0,02% или 1 на 5.000). (2)
Интересно е што стапките на реинфекција во овие студии се многу пониски од оние во една данска студија. Во неа е заклучено дека прележаните од ковид помлади од 65 години имале ризик за реинфекција од околу 20%, а ппостарите од 65 години дури околу 50%.(3)
Референци: 1. medrxiv.org 2. israelnationalnews.com 3. thelancet.com