Поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски важи за човек кој без влакна на јазикот ги соопштува сите свои размислувања, поради што многу често е омаловажуван и етикетиран на социјалните мрежи.
Тој овој месец повторно го разбранува јавното мислење, со неговиот предлог од пет точки, како да се реши спорот со нашиот источен сосед, Бугарија. Уште повеќе, Георгиевски им фрли ракавица на сите историчари и новинари кои би сакале да спорат со неговите тези, а единствени кои се одзваа на таквата покана, беше Петар Богојески од Македонски концепт и двајца историчари во полемика на радиото Канал 77.
Во интервјуто кај Васко Ефтов летото минатата година, Љубчо Георгиевски,изнесе многу интересни факти за неговата политичка кариера и за луѓето со кои соработувал и со кои бил противник.
-Што се однесува до основањето на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да ви кажам дека поранешното раководство на партијата, на чело со Никола Груевски со желбата мене да ме тргне од листата на основачи, фактички си наметна на партијата, дека е формирана од удба.
Зошто го велам ова. Затоа што Драган Богдановски, кого Гуевски се обиде да го прикаже како основач, кој е несомнено еден од најголемите Македонски дисиденти, има напишано преку 10 илјади страници за удба, во кои ги има опишувано контактите кои ги имал со луѓе.
Богдановски сепак нема никакви заслуги за формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Јас и Борис Змејковски бевме кај него во Германија и го молевме да биде претседател на партијата која имавме план да ја основаме, но тој одби.
Подоцна, во првата предизборна кампања, тој дојде и кажа пет реченици на еден настан. За жал, толку е придонесот на Драган Богдановски, рече Георгиевски.
Георгиевски го разјасни и раколот во ВМРО-ДПМНЕ и неговата кавга со Никола Груевски, за кого потврди дека се заложил да стане претседател на партијата, односно негов наследник.
-Разидувањето со Никола стана на претседателските избори 2004 година, кога јас повикав да се бојкотираат изборите со цел Бранко да не стане Претседател, а тој одлучи да му помогне на Црвенковски и да му набилда цензус, така што во 17 часот пуштаа смс пораки до општинските комитети и членовите на партијата да излегуваат и да гласаат.
Потоа тој тргна да се пресметува со луѓето што ми беа мене лијални во извршниот комитет, па се случи „Панорама“.
На прашање од новинарот Васко Ефтов, дали Георгиевски кога беше Премиер му праќал на Али Ахмети сигнали за размена на територии, Георгиевски изјави:
-Јас на Али Ахмети не сум му праќал никакви сигнали. Јас за таа идеја разговарав со Арбен Џафери, кој беше исклучителен лик во албанскиот дел од Македонската политичка сцена.
Сакам да ви кажам дека оваа идеја постоеше и беше прифатлива за многу луѓе. Со идејата се согласуваа тогашниот Претседател Борис Трајковски, Доста Димовска, Стојан Андов и не еден, туку најмалку тројца академици, кои јас нема да ги споменам, туку ако се доблесни нека си кажат сами.
Јас и Борис Трајковски со оваа идеја го запознавме тогашниот амбасадор Кристофер Хил. Но Кристофер Хил рече НЕ. За Американците, оваа идеја не беше прифатлива, рече Љубчо Георгиевски.
Таа идеја не е од некој што и мислел лошо на Македонија. Таа идеја потекнуваше од луѓе кои и мислеа добро на Македонија. Трампата требаше да ги опфати Тетово, Гостивар и Дебар, за Преспа од другата, од Албанска страна. Скопје никогаш не дошло под знак прашање, рече Георгиевски.
Видеото од ова негово излагање, можете да го видите ОВДЕ