Драган Б. Костиќ: Јадевме со Ѓоле кифли и јогурт, а утредента јас и Градо бевме сведоци на историјата

0

Не престануваат реакциите во балканската, но и македонската јавност, по упокојувањето на еден од најголемите југословенски музичари и кантавтори, Ѓорѓе Балашевиќ, кој замина вчера, на 67-годишна возраст.

Речиси и да нема статус на социјалните мрежи, во кој не се споменува Балашевиќ. А како и да не е така, кога речиси сите, во тинејџерските денови, но и подоцна, растеа со музиката на Ѓорѓе Балашевиќ.

Најдобар доказ за тоа, е статусот на нашиот познат новинар и водител, Ване Маркоски:

„Прв одмор со друштво некаде низ Охрид или Струга. Прва пијанка покрај камп приколката. Уште првата вечер запознаваш еден куп други друштва од Битола, Прилеп, Кичево….

Одма се наоѓа некој меѓу нив што знае да свири и има гитара. Секогаш некоја негова песна беше прва на репертоар. Ова е тој спомен, на една генерација.“

Најпознатиот радио водител, Драган Б. Костиќ, на својот профил на социјалните мрежи, ја објави можеби најоригиналната приказна за неговото познанство со Ѓорѓе Балашевиќ:

„Прва половина на 1977.Бев на отслужување на воениот рок во Нови Сад, во касарната Милетичева (имаше веројатно друго полно име), во центарот на градот. И беше најмала таква.

Четири сантитетски чети (три докторски една болничари), и една чета воена полиција (за целата новосадска воена област) а во касарната беше и истражниот затвор впрочем две мали простории, за чуварите и притворените, една мала амбуланта…

Се на се, големина колку едно фудбалско игралиште, една долгнавеста двокатна зграда (со приземје), зграда на командата на гарнизонот, трпезарија, во средина мала кантина…и толку. Или не.

Сосема на крајот, во една приземна би рекол барака, беше воениот клуб. Кој го водеше доктор Градимир Здравковиќ, хуморист, афоризматичар хонорарно во Екран, скопско дете, и подоцна мој кум.Сега (од многу поодамна) во Канада.

Заради моите активности во цивилството добив задолжение во клубот (кој по одењето на Градо ќе го водам јас) најнапред како водител на квизопт “Тито на чело на партијата 40 години” (или така некако), заради што акав по касарните на новосадскиот гарнизон, и уживав симпатии на командниот состав на мојата касарна.

Зошто сево ова? Кого го интересира мојот војнички живот од пред четириесет и кусур години? Малку трпение…

Заради привилегиите во војничкиот клуб, имав обврска секој ден наутро да одам до центарот на градот и од една трафика, односно продавница за весници, да земам одреден број договорени списанија, дневни, неделни или месечни од сите поранешни републики и да ги оставам во клубот каде војниците можеа да ги читаат.

Но како никој не ми водеше сметка каде сум, по цел ден до ручекот одев низ Нови Сад, го запознавав (како туристички водич) престојував често и во радио Нови Сад, каде имав куп пријатели.

До Покраинскиот парламент имаше еден млечен ресторан во кој вобичаено го минував времето читајки ги весниците. и речиси секогаш, секое утро, во аголот на ресторанот имаше едно момче кое свиреше гитара и пееше странски хитови. Еден ден го поканив на мојата маса, на јогурт и кифли. Ред муабет, ред кифли, создававме пријателство.

Еден ден ме покани на некаков акустичарски фестивал, во некаков дом на културата, во близина на центарот. Отидовме јас и Градо. Една амфитеатарска просторија, седевме во средина, во полупразната сала.

Се редеа разноразни групи и поединци и веројатно ке ни беше здодевно доколку ја немавме алтернативата: вечер во касарнските простории. И тогаш се појавиа, тој, или… тие. Најавија премиерна изведба на една нивна песна.

Колкумина беа, не се сеќавам, но добро паметам, беа две девојчиња напред, со многу куси фустанчиња, кои во одреден миг, за време на рефренот се вртеа со грб кон публиката, ги креваа ионака кусите фустанчиња, мрдаа со задниците покриени со црвени гакички со големи бели кругови.

А рефренот?….”У раздељак те љубим”….Френетичен аплауз, и неколкукратен бис. Беше тоа првата јавна изведба на песната на која со игра на случајот присуствуваа и двајца македонци.Јас и Градо.

Утредента, на редовната средба, момчето беше пред мене во млечниот ресторант.Ме чекаше чинам, со нетрпение, за да ме праша: Како беше??? Му одговорив: Извонредно Ѓоле, извонредно.

Години и години минаа од тогаш. Ѓоле замина, ненадејно (по неколку дневна попуста борба), вчера, минувајки го мостот на виножитото. Не знам што има (и да ли има) зад него, но знам дека неговото име за некоја генерација по овие нашиве, во српската, севкупната југословенска (како и да се викаат некогашните нејзини делови), ќе биде впишувано со златни букви во поетската белетристика. И дека многу идни генерации ќе ги пеат неговите песни како дел од тогашната сегашност а не како оддек од минатото.

П.С.На 13-ти септември 1977 во студијата на Радио Нови Сад песната “У раздељак те љубим” беше снимена. Повторно со игра на случајот, неколку дена подоцна дојдов во Скопје на отсуство., Благодарејки им на уредниците на куќата РТНС, добив лента со песната. Веднаш, уште утредента ја однесов во Радио Скопје, велејки: “Oва е хит во Нови Сад и пошироко. Пуштајте ја!”

Не бев изненаден што не ја пуштаа. Некој месец подоцна песната беше снимена за ПКП РТВ Љубљана и издадена како сингл. Се продаде во 180.000 примероци.“

Претходна статијаБев во Германија и кога ми се јави телефонот ми падна од рака – пејачката ја исполнила желбата на Балашевиќ и неговиот син
Следна статијаШведска и Данска планираат пасош за имунизација – дали во Германија е возможно вакво нешто