Илија Димовски разјаснува дали постои начин да се заобиколат барањата на Бугарија и Грција на патот кон ЕУ

0

Поранешниот пратеник и функционер на највисоките раководни структури на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, направи анализа на предизвиците и можностите на нашата држава, на патот кон ЕУ:

-Во врска со вчерашниот Самит на ЕУ (за нас нели историски, како и сите до сега што ни ги најавуваа) значајно е да се потцртаат следните резултати извлечени од заклучоците:

Прво, добро е што Европската унија уште еднаш (по којзнае кој пат) ја потврди европерспективата на земјите од Западен Балкан, но веродостојноста и перпективноста на оваа посветеност е сериозно доведена во прашање заради нивната нејасна јавна комуникација и спроведување на своите заложби кон земјите од Западен Балкан, а посебно кон Република Македонија.

Второ, за поздравување е брзата мобилизација на пакетот на ЕУ за помош кон земјите на Западен Балкан во вредност од 3.5 мил. евра за борба со последиците од ковид 19 во регионот.

Ќе треба да ја следиме брзината на имплементација на оваа помош, но и како држава да покажеме адмимистративна брзина за користење на дел од овие средства (до сега никогаш не сме искористиле се што било предвидено за нас).

Трето, МНОГУ ЗНАЧАЈНО, од оваа декларација, а и од повеќе претходни документи и иницијативи (како онаа за мал шенген) станува јасно дека земјите од Западен Балкан може да се надеваат на полноправно членство во ЕУ само во пакет сите земји заедно.
Брзината на членство нема да зависи од најбрзиот (Србија), туку од најбавниот (Косово).

Секако без да се решат односите помеѓу Македонија и Бугарија, Македонија и Грција, Србија и Косово, Србија и Албанија, Србија и Романија (минорен, но присутен црковно-малцински спор), Босна и Косово, Босна и Србија, Босна и Хрватска, Црна Гора и Србија нема да има членство за ниту една од овие држави.

Да бидеме на јасно, без решавање на државниот статус на Косово, внатрешното државно уредување на Босна и Херцеговина и нејзините односи со соседите и историските и идентитетски прашања на Македонија нема членство за никого. Дали е тоа лесно и возможно, дали е брзо и спроведливо размислете сами.

Четврто, искуството на Европската Унија со проширувањата покажува дека со секое ново проширување земјите-кандидати за членство добиваат нови услови и уцени од страна на веќе зачленетите земји членки на ЕУ, како што е сега уцената од Бугарија за македонската историја, јазик или како што беше уцената од Словенија кон Хрватска,…

Дали ЕУ ќе остане глува и нема на овие непринципиелни уцени или во процесот на внатрешни реформи ќе успее да најде решение, ќе видиме, но да не се надеваме дека ќе победи нашата логика.

Одлуките се носат со консензус и колку е послаба кохерентноста внатре во Унијата, толку повеќе државите ќе одлучуваат врз основа на своите, а не на генералните интереси.

Петто, не постои начин за заобиколување на барањата на Грција и Бугарија на патот кон полноправно членство на Република Македонија во ЕУ. Двата наши соседи под превезот на пријателство ќе бараат строго почитување и широко толкување на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство онака како што тие ги разбираат.

За овие две држави (но и за некои нивни пријателски земји, како на пример Кипар) нема да се значајни резултатите што ќе ги постигнеме како држава во секое од поглавјата, напротив, нивната одлуката секогаш ќе биде политичка и базирана на нашите отстапки.

Последните изјави од Брисел се во таа насока. Имено, Западен Балкан е високо на агендата на ЕУ, но во заклучоците е потенцирано почитување на двата Договори кои ги имаме како држава со две земји членки на ЕУ. Тие договори веќе се дел од нашата патека кон ЕУ.

Шесто, ВАЖНО, Македонија е рамноправна членка на НАТО и таквата позиција мора да ја искористиме најдобро што можеме.

Резултатите кои се бараат од нас во секое поглавје можеме да ги постигнеме ако ги почитуваме принципите и вредностите на ЕУ, а притоа да не отстапиме од фактите кои се на наша страна. Треба да продолжиме да работиме на реформите кои се добри за нашите граѓани.

Преговорите за членство во Европската унија ни требаат нам, но им требаат и на Бугарија и Грција. Ако нема преговори за членство на Македонија во ЕУ нема ни имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија, а нема ни нова, дополнителна имплементација на многу обврски од Преспанскиот договор. Треба конечно да претставиме пред нашите пријатели и стратешки партнери дека што и да направиме, соседите смислуваат нови и нови услови и уцени.

За жал, со содржината на Преспанскиот договор покажавме дека ништо не ни е свето и сме спремни да се пазариме за се. Епа, видоа и другите и дојдоа на пазар.

Претходна статијаКаракамишева му одговори на Зијадин во врска со јазикот: Села, нема врска ова што го зборуваш
Следна статијаВанковска: Тоа што на литијата имало Сдсмовци не е никакво чудо