Добро познато е дека омилени дестинации за летен одмор на многу Македонци се нашите соседни држави, Грција, Бугариј и Албанија, а од регионот и Црна Гора. Поради пандемијата со корона вирусот, годинава мали се шансите за летување.
“Здравствен пасош“ е една од методологиите за безбеден влез во земјата, што би можела да се воведе за време на туристичката сезона за патување во Грција, односно туристите да се тестираат за ковид-19 пред да влезат во авион, во нивните матични земји, според Министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис.
Во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, Теохарис рече дека една од методологиите е да се прават тестови на оние кои што доаѓаат, а за да го објасни процесот го употреби терминот „здравствен пасош“, што во пракса би значело турист од Германија да се тестира во Германија за ковид-19 пред да пристигне во Грција.
Меѓутоа, министерот за туризам истакна дека потребно е, а и лично тој притиска Европската унија и Европската комисија, да постои заеднички европски разговор и договор за некој вид на протоколи.
– Ако се согласиме сите, тогаш може тестовите да бидат при влезот, пристигнувајќи на аеродромите и така да имаме многу подобра методологија и помалку проблеми – рече Министерот за туризам на Грција, но истакна дека секако ова е сложено бидејќи „едно е на аеродромите, друго на копнените граници, друго на пристаништата, но во секој случај треба да се најдат реални начин на функционирање.“
Според надлежниот министер, целта на Грција е да се отворат „портите за влез во земјата“, бидејќи како што објасни, туризмот е важен дел од економијата и додаде дека почетно, се фокусираат на јули, август и септември, а долгорочно и на септември и октомври.
Објасни дека постои интерес од странство, повеќе нема откажувања на аранжмани, а тие како Министерство се во континуиран контакт со големите тур оператори за да се наполнат големите хотели.
Повеќе од 60% од бугарските хотелиери имаат намера да ги намалат цените на летните пакети за одмор, покажа истражувањето на Националниот институт за статистика (НСИ) на Бугарија.
50,4% од испитаниците планираат на своите клиенти да им понудат алтернативен период за користење на веќе направените резервации. Во исто време, 62,5% од нив имаат намера да ја намалат цената на пакетот за летување, а 52,1% цената на едно ноќевање.
Според анализите, и во Хрватска се очекува пад на цените за сместување.