Владата на САД ќе им праќа пари на граѓаните кои во моментов не работат

0

Федералната влада на САД размислува за брзо испраќање пари директно на американските граѓани, со цел да се ублажи економскиот удар од пандемијата на коронавирус.

„За луѓето кои во моментот не работат, на пример, како поради затворање на хотелите, баровите и рестораните, наскоро доаѓаат пари“, напиша на Твитер претседателот Доналд Трамп, ден откако тој и неговите советници ја најавија оваа иницијатива.

Секретарот за финансии Стивен Мучин, изјави дека под инструкции на претседателот, во наредните две недели директно ќе им испрати чекови на Американците.

Администрацијата на Трамп бара Конгресот да одобри инфузија од 850 милијарди долари за економијата, вклучувајќи и 250 милијарди долари помош во заеми за малите бизниси, како и 50 милијарди долари помош за американските авиокомпании.

Оваа помош би била дополнителна на пакетот од 100 милијарди долари, кој го изгласа Претставничкиот дом, а кој вклучува платено боледување, осигурување за невработени и други бенефиции за работниците, кои се погодени од ширењето на КОВИД-19.

Потпретседателот на САД Мајк Пенс, пак, вчера побара од градежните компании да донираат маски, со цел да помогнат во снабдувањето со опрема, во случај на влошување на ситуацијата и преголем број пациенти во болниците.

Во САД досега има речиси 6.000 потврдени случаи на коронавирус во сите 50 сојузни држави, а досега се регистрирани најмалку 100 мртви, од кои најголем дел во сојузните држави Њујорк и Вашингтон.

Извор: voanews

Претходна статијаПетре Шилегов за Венко Филипче: Мислите ли дека му е лeсно
Следна статијаНикола Димитров со итен повик до македонските граѓани кои во моментов се во странство