БРИЛИЈАНТЕН статус на проф. Даниловски

Проф. д-р Драган Даниловски: „NOIR” ФИЛМ (Прв дел)

Градот деновиве налик на сцена од некој црно-бел, „noir“ филм од времето на „Големата депресија“ во триесеттите години.

Оловна плоча надвиснала над градот. Ретки мижуркави улични светилки, обвиткани со треперливи халоа, едвај се наѕираат низ темнината и низ густиот, токсичен воздух што го сече грлото како нож. И години наназад така е, додуша… Одвратна смрдеа од купиштата ѓубре покрај преполнетите контејнери. Морничави врисоци на мачки што го разнесуваат наоколу. Глутници изгладнети кучиња бесцелно талкаат по улиците демнејќи ретки, осамени минувачи.

Истовремено, блештат неонските светла на преполните кафеани и кафулиња. Внатре, облаци тутунски чад. Први сме биле во Европа по загадениот воздух? Ха, гајле ни е, можеме ние и појако. Трешти турбо-фолк. Гласови од потпивнати гости без слух „фаќаат“ терца. Полни маси со храна и пијачка. Кикотења, џагор, пијани извици, здравици… Баханалии… „Клонирани“, „пластифицирани“, поклонички на богот Бахус со „акромегалично“ хипертрофирани муцки во френетичен ритам на музика со „три ноти“. Пијани мажи без инхибиција на своето „id“ со закрвавени погледи голтаат гротескнo истакнати, силиконски облини… „Селфија“ се прават со кренати чаши, да се овековечи мигот на „среќа“ и да се „постира“ во универзумот на социјалните мрежи! Нека пукнат душманите! „Само еднаш се живее“!

Уште една „изгубена генерација“… Историјата се повторува.

На социјалните мрежи „пењавење“ на, во суштина, ефемерни теми (дневно-политички збиднувања, пцостите во Собранието, некој монструм претепал куче со шипка, воздухот бил катастрофално загаден, кој да го води тендерот за автобусите, граѓаните што не откажале закажан термин за преглед требало да се казнат, не требало доктори од јавното здравство да работат и во приватното, смешни биле покачувањата на платите во здравството и пензиите, потребен ли ни бил унгарскиот кредит, поскапеле јајцата 40 отсто… итн.).

Во медиумите „врие“ од вести за улично, училишно, семејно насилство…
Ерос и Танатос на најјако!
Сите погоре опишани појави се должат на несвесни одбранбени механизми за самоизмама со кои луѓето се обидуваат да се заштитат себеси од чувствата на страв, вознемиреност, безнадежност, беспомошност!

Според фројдовата психоаналитичка теорија, одбранбените механизми се психолошки стратегии кои ги користат поединци, групи, па дури и нации за справување со реалноста и задржување на сликата и поимот за себеси.
Здрави личности вообичаено користат разни одбрани во текот на животот. Намената на одбранбените механизми на егото е да го заштитат умот/битието/егото од напнатост, од општествени санкции или да понудат бегство од состојба со која некој не може моментално да се справи.

Според ова теорија, најчести несвесни одбранбени механизми се:
– одбивање да се прифати надворешната стварност бидејќи е премногу заканувачка, спротивставување на стимул кој предизвикува напнатост по пат на непризнавање дека тој постои; решавање на емоционален конфликт и намалување на напнатоста со одбивање да се видат непријатните надворешни аспекти (негирање);
– потиснување на несаканите емоции (репресија);
– стремеж за бегство во фантазија заради одбегнување на внатрешни и надворешни конфликти (фантазирање);
– пренесување на своите неприфатливи мисли, чувства и импулси на некој друг (проекција);
– хипохондрија,
– пасивна, но и активна агресија,
– избувливост;
– оправдување на сопствените постапки (рационализација);
– сосредоточување врз интелектуалните компоненти на ситуацијата заради оддалечување на себеси од емоциите кои создаваат напнатост (интелектуализација);
– компензација…
И многу поретко, емоционално најзрелите единки реагираат со претворање на негативните емоции или инстинкти во позитивни дејства, однесување или емоции (сублимација);
– со свесна одлука за одвраќање на вниманието од одредена емоција заради справување со моменталната стварност (супресија),
– но и со антиципација, идентификација, дури и со алтруизам и хумор.
При рудиментирано „супер-его“, „егото“ спас бара во нагонските сфери (id-от)…
Така психологијата ги објаснува и категоризира несвесните одбранбени механизми.
Епидемиологијата, пак, треба да даде одговори на прашањата од типот:
Колкава е застапеноста на одделни одбранбени механизми меѓу разни категории население (специфични популациски групи)?
Како тие се рангираат?
Кои се најбројните?
Кои се карактеристиките на тие специфични популациски групи?
Кои фактори на ризик (причини) се најсилно асоцирани со нив?
Кои се мерките (интервенциите) со кои заедницата може оптимално да ги прекине ланците на експозиција (да ги минимизира штетните ефекти) на тие фактори?
Како да се евалуираат ефектите на тие мерки, за тие да станат поефикасни?
Но, и без прецизна епидемиолошка анализа, дури и само еден левтерен увид е доволен за (релативно веродостоен) впечаток дека сме среде епидемија на страв! Пред сѐ, страв за опстанок во услови на децениски и сѐ поизразени егзистенцијални ризици!

Страв, кој поприма енормни размери откако и „со голо око“ на хоризонтот се сѐ повидливи силуетите на „јавачите на апокалипсата“! Заради што сѐ поинтензивно на сцена се психолошките одбранбени механизми кај граѓаните. За да се потисне стравот. Да се глуми „нормалност“. Да се издржи денот.
И така, ден за ден…
Што да се прави?
Во следна прилика…