Седам на паркинг во близина на Франкфурт, седам на еден ивичњак, камионот пред мене. Седам и си ја оплакувам судбината. Далеку од дома, далеку од семејството, далеку од децата. Ми недостига сè. Ми фали ко ќе кивнам, некој на здравје да ми каже.
Да, има вибер, има и други начини на комуникација, но не е тоа. Го нема допирот, го нема мирисот на дома. Јас копнеам по моите, а тие, децата, па и сопругата, како да се оддалечуваат од мене, како да им станувам туѓ. И зошто? Заради проклетите пари и голата егзистенција.
Погодувате веќе. Возам камион. Успеав некако лани да го извадам БГ пасошот и бидејќи со години бев без работа се одлучив на овој чекор. Што да правам, дома бараат да јадат.
Сопругата е шивачка во една конфекција и едвај врзувавме крај со крај. Сега, кога завршува турнусот од три месеци (толку време не се враќам дома, туку постојано сум во камион и возам низ Европа), се случува да се вратам и со три, па и четири илјади евра.
Сега е добро, на финансиски план мислам, децата можат да си купат нешто, дома подсредивме, ама јас сум запустен, најискрено.
Од почеток ми беше интересно, првите неколку тури. Ги запознав високоразвиените држави. Всушност самиот себе се лажам дека сум ги запознал. Да не сум бил на театар во Минхен или на концерт случајно.
Црн во рацете, валкан во облеката влегувам во некоја Европска метропола, истоварам роба, утоварам и повторно на пат.
Се дружам повремено со некој од колегите, особено во деновите кога не се вози. Можете да замислите на што личат тие дружби, пијанки по паркинзи или кабината од камионот.
Тука ти е се и спална и кујна и дневна соба. Дома се враќам на две, три недели, максимум месец и потоа повторно започнува сагата. Ми се темни ко ќе дојде датумот за тргнување.
Дури почнав да и завидувам на сопругата што си останува дома, со децата, со семејството. Како некој осуденик се чувствувам.
Оваа моја судбина ја делат многу Македонци, премногу. Многу бракови се растурија заради оваа работа, заради пустата пара. И зошто, затоа што политичарите во изминаттите години ја уништија нашата економија, ја уништија нашата и судбината на нашите деца.
Тоа е, простете што вака се изнажалив и можеби ви го направив моментот тажен, но морав да си ја испразнам душата. И морам да се помирам, тоа е, ќе си ргам и ќе си тргам. Ве поздравувам сите.
П. П. Фото: Илустрација
Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е авторски и не смее да се превзема без одобрение од редакцијата на Галама.