Нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски завчера по вторпат за кратко време гостуваше во емисијата „Јади Бурек“ кај Јанко Илковски.
Јанко на почеток му оддаде голема благодарност на професорот за неговото несебично вложување во оваа пандемиска криза, преку јавните настапи, одговарање на прашања на социјалните мрежи, но и решавање на лични проблеми на непознати луѓе за професорот, со што, како што рече водителот, д-р Даниловски ја покажал својата човечност и Богобојалживост.
-Професорот Даниловски е во пензија и тој нема никаков бенефит за ова што го прави. Ми помогна мене, им помогна и на мои познати, кои во 3 наутро му се јавуваа, а докторот им помагаше да го најдат своето „чаре“ во болничките лавиринти, или преку совети за лекување дома, рече Илковски.
Искрено му се заблагодарувам на овој несебичен човек, додаде водителот Јанко Илковски.
Професорот во емисијата неколку пати ја напомена важноста на имунизацијата, со укажување, дека сите дилеми околу безбедноста на вакцината, ги поништува опасноста од заразувањето со ковид, односно ризикот од инфекцијата кој е многукратно поголем.
Како аргумент повеќе за имунизација кај нас, професорот Даниловски ги наброја коморбидитетите со кои се соочуваат нашите граѓани, а кое се одговорни за тешкото прележување на болеста:
-Имаме многу луѓе со прекумерна тежина, огромен процент од популацијата, но имаме и околу 400 илјади дијабетичари во државата, рече д-р Даниловски, на изненадување на водителот, кој двапати го замоли да ја повтори оваа бројка, која многумина од нас не ја знаеја.
Професорот понатаму продолжи со коментирање на сите аспекти од справувањето со пандемијата кај нас, при што особено внимание посвети на некои негови колеги доктори, кои на пациентите им ординираат антибиотик:
-Јас им го оддавам целото признание на моите колеги матични лекари. Тие се темелот, тие се примарната здравствена заштита. Но некои од нив, мал дел, сепак како да не научиле на студии дека антибиотик при вирусна инфекција не се дава, бидејќи се нарушува цревната флора, се руши имунитетот и се прави штета, наместо да се помогне.
Професорот Даниловски проговори и за актуелните дилеми околу ризикот од добивање тромб по имунизација. Тој потенцираше дека од ковид, ризикот од добивање тромб е неколкукратно поголем, но и од некои секојдневни лекови и препарати, како на пример контрацептивни пилули, кои жените масовно ги пијат, а се многу поголем ризик фактор.
Д-р Даниловски ја објасни разликата помеѓу вакцините, па така, американските вакцини ја користат технологијата на РНК, таканаречено топче кое се вбризгува и делува на шилецот на вирусот, додека кинеските на пример се класични вакцини, кои имаат дејство на целиот вирус.
Професорот во овој дел напомена дека за кинеската вакцина сè уште не се објавени резултатите од таканаречената трета фаза од испитувањата и општо, има малку информации од Кина, но од земјите каде се аплицира оваа вакцина, пред сè Турција и Обединети Арапски Емирати, сепак има позитивни информации за делотворноста на вакцината.
На прашањеето од новинарот околу оние кои прележале, меѓу кои е и Јанко, дали можат повторно да се заразат, професорот одговори дека се мали шансите:
-Дури и да се заразите и да развиете симптоми, тие ќе бидат благи. Но, стои ризикот дека можете да го пренесете вирусот на друг. Барем така вели науката во овој момент, рече д-р Даниловски.
На прашањето како е можно во една иста куќа двајца да бидат со симптоми, а другите да немаат, професорот објасни дека тоа се должи на посилниот имунитет, но и на контактите со вирусот во минатото, при што се стекнало одреден имунитет, па дури и со некои други видови на корона вируси во минатото.
Следно прашање од гледачите беше, колку време по прележувањето треба, односно може да се имунизира.
Одговорот на професорот беше дека илузорно е да се прима вакцина рано по прележувањето, бидејќи во тој момент имунолошкиот систем бил компромитиран со инфекцијата и нема да има капацитет да развие одговор и на вакцината. Затоа е потребно да помине минимум еден месец.
-Сепак, ние препорачуваме да поминат 5-6 месеци, не дека не смее, туку фер е прво да се вакцинираат оние кои не прележале и немаат антитела на вирусот, рече д-р Даниловски.
Професорот тука дополни дека нема никаква потреба од никакви тестови за антитела пред имунизација и потенцираше дека кај прележан од вирусот, доволно е да се даде и една доза, бидејќи кај нив прележувањето всушност игра улога на прва доза.
Околу примерите на имунизирани, а потоа заразени со вирусот, професорот потенцираше дека минимум една до две недели пред вакцината, но и потоа, граѓаните треба да се штитат, за да не се заразат непосредно пред или по имунизацијата.
-Максималниот број на натитела, по имунизација, се постигнува после две недели, рече проф. д-р Драган Даниловски во интервју кај Јанко Илковски, во емисијата „Јади бурек“.
Интервјуто можете да го погледнете ОВДЕ