Мерси располага со 800 лекари и друг медицински персонал, 1.000 болнички кревети и 12 операциски сали и 5.000 ќеси за трансфузија на крв.
Во пловечката болница ќе се сместуваат пациентите кои немаат ковид-19 за болничките кревети во градските болници да се ослободат за заболените од вирусот. Некои пациенти кои се веќе хоспитализирани во некоја од болниците во Лос Анџелес ќе бидат преместени на Мерси.
„Мерси ќе преземе дел од товарот кој ги притиска нашите итни служби и единиците на интензивната нега бидејќи бројот на заболени од вирусот во следните недели ќе се зголемува“, кажа градоначалникот на Лос Анџелес Ерик Гарсети.
Поради големиот прилив на болни, пловечката болница долга 272 метри ќе овозможи да се ослободат болничките кревети кои во моментов се пополнети до 80 или 90 отсто, објасни Гарсети.
Барање за испраќње бродови болници испрати не само Калифорнија туку и државата Вашингтон која беше прва на удар на коронавирусот, но има помалку заразени.
Во Калифорнија од ковид-19 досега умреа 65 луѓе, а заразени се 3.000. Вчера во само еден ден Лос Анџелес забележа 400 нови случаи на зараза и 9 мртви.
На помош на Њујорк, епицентарот на епидемијата во САД, му доаѓа воениот брод Комфорт.
Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека во САД има 85.356 заразени, 16.916 повеќе од претходниот извештај во средата. Бројот на мртвите се покачи за 252 па сега вкупната бројка е 1.246 луѓе.
Извор: мкд.мк