Сергеј Лавров: Западот сака да го претвори Балканот во свое упориште против Русија

0

Се добива впечаток дека Западот не ги научи лекциите од „украинската трагедија“, па постојат упорни обиди Балканот да се претвори во уште едно воено упориште против Русија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Како што јави дописникот на МИА од Белград, во интервју за „Српски телеграф“, Лавров нагласува дека на земјите од балканскиот регион „упорно им се наметнува изборот или сте со Москва или со Вашингтон“.

Лавров вели дека врз Белград се врши сериозен притисок со цел да се намали „взаемно корисната соработка со Москва“, но дека „српските браќа на ова храбро се спротивставуваат”, што Русија исклучително го цени.

Во интервјуто тој вели дека Москва ќе биде подготвена за продолжување на трасата на гасоводот „Турски тек“ кон Европа, дури откако ќе добие гаранции од ЕУ дека и овој проект нема да ја доживее судбината на „Јужниот тек“.

Лавров нагласува дека рускиот гигант „Газпром“ разгледува две можни варијанти за продолжување на „Турскиот тек“ кон европските потрошувачи – едната преку Бугарија и Србија, а втората преку Грција и Италија.

Проектот за изградба на гасоводот „Јужен тек“ од Русија преку Црното Море до бугарскиот брег пропадна, кога Бугарија се повлече од него под притисок од Брисел.

„Турскиот тек“ исто така треба да минува низ Црното Море, но да завршува во европскиот дел на Турција. Предвидено е овој гасовод да има две линии, од кои едната за снабдување со гас на Турција, а втората за дистрибуција на енергенсот до европските потрошувачи.

Претходна статијаВиктор Трифуновски: Се прави циркус за рајата да заборави дека одиме во банкрот
Следна статијаРебека за мајчинството: Ги учам дека животот ни е дар од Бога a семејството е најважно