Поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев на својот Фејсбук профил напиша моќна порака во која ја наслови како Дождовите над Македонија.
Кој ќе ги измие улиците, кој ќе ги избрише ходниците, кој ќе ги исплакне душите на покајниците и предавниците. Ама чекајте, а кои се тие? Оние од вчера или овие од денес?
Миј рацете Пилате, за да Вчера и Денес се прегрнат и тргнат сложно кон Утре. Та не може истовремено Пилат и да распнува и да воскреснува…пристојните луѓе кога по грешка ќе влезат во куќата на Нечестивиот, се поздравуваат, се заблагодаруваат (но благо не даруваат) и си заминуваат. А јас сум тука случајно и проклето сум лут. Да видиме дали Упатниот акт упатно ќе се спроведе или работата ќе се упати во друг правец. Упатно е јавно да прашаме нели?
Или молчешкум ќе итаме кон Европа, да го вградиме последниот камен во таа зграда на демократскиот Вавилон. Јали зграда јали гробница е, не се гледа од толку далеку. А може ли патот до Рајот да биде поплочен со лоши намери? Може може…
А може ли десет години пеколна запршка да ни биде послужена како рајски плод? Може може, вели некој. Не може не може, плодот е затруен, вели друг. Да одиме да видиме и да се увериме, да вкусиме од дрвото на спознанието, вели трет.
И Добриот, и Грдиот и Лошиот се прегрнуваат и здушно тргнуваат по патот. Сега патот навистина e отворен, оти на крајот не чека истата цинична Ала која легнуваше во топла постела со Нечестивиот. Ајде Македонци, ајде итарпејовци, не е секогаш скокот во провалија смртоносен, облаците под нас можеби навистина се памук?!?
Ајде Европо, дај гас, за вас и за нас, да влеземе брзо и никој да не примети. А потоа да си дадеме завет на молчење, да ги запалиме архивите, да ги избришеме мемориите, да притиснеме рисет, да не ни се смее цел свет…ооо па ние сме сега тој свет, не остана кој да ни се смее, ах народ проклет, ах народ клет.
И не не’ терајте да молчиме, молчењето е најмалку што можеме да направиме за себе, терајте не’ да зборуваме, пред некому да му текне: “абе кој ве е..е!”.
Зборовите наши не стигаат далеку, паѓаат пред нас како тегови и ни ги згмечуваат прстите на нозете, и цели во чуденки потоа се прашуваме: оф па ние не можеме да одиме.
Дождовите над Македонија, дождовите над Македонија.