Нашата пејачка Тамара Тодевска синоќа одржа концерт за паметење под отворено небо во охридскиот Антички театар.
Со многу емоции и енергија кои несебично ги даде на сцената во Охрид, Тамара Тодевска го одржа својот прв концерт во Античкиот театар и со тоа си го оствари детскиот сон.
-Го сакам ова место, од дете сонувам да пеам овде“, откри Тамара на почетокот. Уште многу нејзини лични приказни следеа помеѓу песните. „Немирна“ ја инспирираше да раскаже една од нив.
-Кога бев мала, бев многу немирна. Прво бев развигорче, па ветер, па кога бев тинејџерка бев бура, и пред да станам цунами… Се појави Мачка- дофрли некој од пријателите од публиката, мислејќи на нејзиниот сопруг Александар Димитровски.
„Се појави Мачка. Мачка се прави ѕвезда, го окупира купатилото, две деца вриштат дома, јас си редам евергрини. Јас сум многу среќна“, рече Тамара низ насмевка и порача дека на овој концерт треба да славиме по сето ова што ни се случуваше во изминатиов период, мислејќи на пандемијата.
Уникатниот простор, Тодевска го искористи најдобро што може, приредувајќи незаборавна забава за публиката. Музичкиот настан кој нејзините бројни обожаватели го очекуваа со нетрпение, несомнено го обележа летото.
Македонската поп дива блесна во најдобро светло досега, носејќи две златни креации кои совршено ја истакнаа нејзината убавина и уникатен сенс.
„Охрид, уживав“, напиша пејачката во описот на својот инстаграм-профил покрај фотографиите и видеото од синоќешниот концерт.
А дека приредила концерт од светски размер, зборуваат и бројните коментари под нејзината објава.
„Ние уживавме љубави, каков жур ни сплете, не си свесна“, напиша нејзината горда сестра Тијана Дапчевиќ која го следела концертот од првите редови.
„И ние уживавме. Браво Тамара, неверојатна енергија и маестрален глас!“, „Царица! Секоја чест и ние уживавме! Маестрална беше“, „Браво за тебе Тамара. Фантастична си“, беа само дел од коментарите.
Од Белград, допатува сестра ѝ Тијана Дапчевиќ со својот син Вук, кој е најголем фан на својата тетка- ги знае речиси сите песни напемат. Помалата ќерка, на сцената гордо ја следеше татко ѝ, професорот Велко Тодевски, а Тамара му ја посвети омилената песна „Тешко без тебе“.
Се на сè, успешно концертно враќање на Тамара пред големата публика, по непријатностите поради згрешената химна изминативе две години.