Александар Петрески е музичар од Охрид, кој од 2013 година живее во Нојс (Neuss) Германија. Тој е музичар и за порталот Галама, го сподели неговиот животен пат:
Нојс е еден град со околу 150 000 жители и е практично споен со градот Дизелдорф. По подолг период врска на далечина, одлучив да и се придружам на мојата сопруга со која имаме две деца.
Промената од Македонија во Германија не ми годеше воопшто и ми требаше долго време да се навикнам. Како што и веќе сме слушнале животот е многу поразличен од оној во Македонија.
Има доста позитивни и негативни страни, кој секој различно, индивидуално ги перцепира. Конкретно музичкиот живот е посиромашен, односно преовладуваат концерти и големи настани во однос на свирки во клубови, ресторани, кафичи и слично кои лично мене ми се поблиски и ги обожавам.
Со музика активно почнав да се занимавам кога имав 13 години, а кратко потоа свирев во различни бендови.
Имавме најчесто cover свирки со рок, метал, поп, фанк, блуз репертоари, но исто така на наши 16 години имавме бенд, Black Ho les (во кој членуваа лица кои денес се релавантни на македонската сцена).
Понатаму, со авторска progressive rock/metal музика и други поединечни поп/рок проекти и соработки.
Кога дојдов во Германија, преку jam session свирки запознав многу музичари и брзо потоа оформив бенд со името Street Life.
Свиревме на разни настани и места во Дизелдорф, Келн, Крефелд, Есен и во Холандија. Често бев и гостин гитарист или замена во различни бендови.
Околу 1 и пол година работев и како професор по гитара во приватно музичко училиште во Дизелдорф.
Иако тоа се звучи добро, не беше баш исплатливо и заради таа причина се оттргнав од тоа да живеам од музика.
Имам студирано туризам и моментално работам во таа бранша. Но музиката не е нешто од што така лесно можеш да се разделиш.
Со оглед на ситуацијата со корона, музичкиот живот е во голема мера оневозможен и се повеќе луѓе работат онлајн, односно се промовираат онлајн. Неможноста во живо да се соработува со други музичари, го отежна мешањето различни енергии.
Затоа решив сам да продолжам. Компонирам, аранжирам, продуцирам, едитирам сам. Мора да причекаме на подобри времиња, а можноста за онлајн соработка е секако тука.
Досега бев повеќе насочен на инструментални композиици, а најчесто на преработки на македонски традиционални песни и ора, но сега сум насочен кон моја авторска музика.
Така за прв пат во мојата 20 годишна музичка кариера, снимив песна во која сум самиот вокал.
Песната се вика Blue Lights, инспирирана од моменталната ситуација, т.е. некој кој страда од неа. Текстот по моја замисла го напиша мојата сопруга и исто ми помогна со видеото.
За скоро ќе ја промовирам и следната песна со видео спот, која е исто на англиски јазик. Во тек се уште две песни кои ќе бидат на македонски јазик. Се надевам дека ќе ви се допаднат.
Во продолжение, погледнете го неговото видео: