Професорот на универзитетот Колумбија во Њујорк, Горазд Росоклија, последниве денови евоцира текстови од годините наназад и напоменува колку тие се актуелни и денес. Еден од нив е и дилемата, дали на нашата држава и се потребни амбасадори во странство:
„Амбасади без функција, со амбасадори или без нив. Некогаш, амбасадорите пренесувале важни пораки.
Со напредокот на технологиите за комуницирање, јавноста во земјите што ја измислите дипломатијата го поставува прашањето: која е функцијата на амбасадорите денес?
Во Македонија, освен еднодневен потсмев при изборот на некои смешни карактери (благ опис за нивните вредности како дипломати), никој не го поставува прашањето дали воопшто ни се потребни амбасадори низ светот?
Јас мислам дека не ни се, и дека дваесетина квалификувани, би биле многу поефикасни во комуницирањето на Македонија со светот, без воопшто да постои МНР.
Македонија е во политичка криза? Ништо ново, Македонија е во политичка криза преку 100 години, или од моментот кога е ,,родено“ ,,Македонското прашање“ кон крајот на 19 век.
Која фунција ја имаат македонските амбасадори во ,,кризава“, најголема од нашето постоење како независна држава? Никаква!
Кој ги консултира? Кој комуницира со македонската влада и со опозицијата преку македонските амбасадори во Европа и во светот? Никој! Апсолутно никој!
Ако во овие моменти Македонија нема никаква полза од нив, кога ќе ја има? А годишните трошоци на македонските 52 амбасади, било каде во светот, се од $700.000 до $1 милион!!!
За Македонија големи пари во функција на живуркање на помала група луѓе, наградени за својата послушност кон партиите кои се на власт денес.
Исто ќе биде и утре, како што беше и вчера.
П.С. Овој текст сум го објавил во 2014 и повторно во 2019 година. Мислам дека денес е уште поактуелен и повторно го објавувам без било какви измени.
Деновиве видовме список на амбасади кои се издржувани со пари од народот, $1 милион за секоја од нив, а кои не функционираат бидејќи во нив нема амбасадори. Дали постои некоја разлика кога има амбасдадори во тие амбасади? Не, никаква разлика.“