Њујоршкиот весник напиша многу текстови во 1920-те и 1930-те, во кои зборува за Македонци, македонско население за да направи дистинкција од бугарскиот народ. Тоа е спротивно на бугарските тези. Колумна на Љупчо Поповски.
Сигурно има многу задоволни луѓе во Бугарија кога ја гледаат денешнава бура што се крена во Македонија околу Изјавата на Софија прикачена на едногласниот заклучок на Советот на министри на ЕУ за започнување на преговори со нашата земја.
Подобра политичка агенда не можеа да смислат бугарските политичари од вителот што сам од себе се создаде во Македонија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во желба да ги насочи рефлекторите кон себе од сцената на борбата против корона вирусот, ја претстави Изјавата на бугарската влада како најсилен удар врз македонските национални интереси и капитулација на сегашнава влада.
Реактивирањето на оваа Изјава (којашто е надвор од заклучоците на ЕУ) еден месец откако таа беше позната во јавноста преку известувањата на новинарите од Брисел, поттикна таков хаос, што сега тешко може да се контролира. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски да се усвои заеднички партиски одговор (а не во Собранието каде што Бугарите ја донесоа својата декларација), колку да изгледа како некаква „гранитна одбрана“ изградена во Скопје, само ќе ја потроши македонската позиција пред почнувањето на преговорите со ЕУ и може да доведе до вистинска блокада од страна на Бугарија и резултатот од тоа да биде едно – големо ништо.
Нема ништо ново во бугарските барања, тие се познати многу одамна, уште од длабоките комунистички времиња (само треба да се навратиме на мемоарите на Цола Драгојчева – висок функционер на Комунистичката партија). Во тие барања постојано се лееја солзи за „однароденото бугарско население“ во Вардарска Македонија и присилната „македонизација“ по 1944 година. Уште Тодор Живков, кога ја презеде власта во партијата во 1956 година, почна систематска пропагандна акција дека македонски јазик никогаш немало.
Според него, „македонскиот јазик е народен јазик, дијалект на западните бугарски наречја“ и дека формирањето на македонската национална свесност била врз антибугарски основи.
Бугарскиот темел на таканаречениот „јазичен спор“ беше поставен во 1966 година, кога претседателот на Сојузот на бугарските писатели, Георги Џагаров, одби да потпише спогодба со Друштвото на писателите на Македонија напишана и на македонски јазик.
Иста суштина, различни нијанси
Оттогаш, суштината е иста, само нијансите се различни. Европратеникот на ГЕРБ (партијата на премиерот Бојко Борисов) Андреј Ковачев, во интервју за мкд.мк умешно ги презентираше тие нијанси:
„Ние сме браќа. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност.
Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец. Но во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја.
Целата сторија проследете ја на Дојче веле на македонски јазик