Состојбата со Корона вирусот силно удира врз економијата, особено приватниот сектор, каде беа затворени многу гранки, угостителството пред сè. И додека сите размислуваат за решение, интересен предлог од Венко Глигоров, стопанственик и сопственик на ,,Логин системи”:
,,ПОЛА ЗЕМИ, ПОЛА ОСТАВИ – КОРОНАВИРУСОТ Е ТЕСТ ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ ПРИМЕНУВА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ПРЕБРОДУВАЊЕ НА КРИЗАТА
Ако може да се резимира што остави најсилен впечаток од филмот Медена земја – тоа секако беше пораката за Пола земи, а пола остави. Речиси немаше корисник на Фејсбук што не споделуваше варијанти од оваа порака, што графички што текстуално. Сите се чудевме како е можно да не се применува ова правило кое всушност значи опстанок, човечност и развој.
Настаните со коронавирусот многу брзо ќе стави на тест дали луѓето што споделуваа и се воодушевуваа на Пола земи, а пола остави – биле шминкери и ради реда го постираа овој принцип. Дали “пола земи пола остави” навистина е дел од сите нас.
Што ми е муабетот … дали може да се земе “пола” од администрацијата и да се “остави” на бизнисот? Изводливо е?
Владата излезе со сет на мерки за поддршка на стопанството. Од оваа екипа се очекува(ше) многу подобро и посоодветно. Личи како да се под силна импресија на вирусот и прилично слабо и некреативно имаат составено некакво посание што го нарекле мерки. Тоа што го изнесоа како листа на некакви слободно-можам-да-кажам нивни предлози не се ниту мерки, не е ниту поддршка, не е навремена и не соодветствува со потребите од бизнисот.
Бизнисот се пчелите. Тие го прават медот. Владата и администрацијата се Атиџе. Тие го сркаат и дистрибуираат медот. Дали Атиџе би земала се’ од пчелите (бизнисот) и со тоа би си го пресекла својот извор на приходи? Мислам дека ситуацијата налага, а општеството е спремно (благодарение на филмот) да прифати мерки во стилот ала Медена земја.
Владата беше приморана да ги затвори сите угостителски објекти и хотелски капацитети. Сите настани се откажани. Речиси сите компании работат со намалено темпо а поголемиот дел од нив немаат можности (или истите се отежнати) за пласман на своите производи и услуги. Приватниот бизнис е погоден. Крвари. Ќе искрвари до изумирање. Освен здравствените работници и мала група луѓе – останата администрација има загарантирана плата и плус не се оди на работа (или се работи многу малку). Двоен ќар за администрацијата ако може да се каже.
Ако директно не се примени принципот “Пола земи пола остави” и во случајот со платите во државата, наскоро ќе имаме ситуација “Нула земаш а нема што да оставиш”. Ќе нема плата ни за администрацијата.
Што би бил предлогот? Во основа, дел од платите наменета за администрацијата (освен за здравствените работници, дел од полицијата и војската) да се префрлат во плати на вработените во приватниот сектор. Приватниот сектор нема да ги отпушти вработените, ќе “живне” и ќе се бори да обезбеди плати и за себе и за администрацијата.
Кога ситуацијата со коронавирусот ќе се надмине, Владата би можела да размисли како дел од овие средства би се компензирале и вратиле назад во форма на 13та плата. А можеби и не треба да враќа зошто реално не се работело со полн капацитет.
Дали е изводливо? Ќе го илустрирам со пример. Во Македонија има 550.000 вработени во приватниот сектор и 170.000 во јавниот сектор (држава, служби, јавни фирми). Има и 330.000 пензионери. Да ги анализираме просечните нето плати и примања за еден месец. Битна е поентата, цифрите може да се разликуваат во одредени делови.
550.000 приватно x 400€ = 220M€; 170.000 државно x 400€ = 68M€; 330.000 пензионери x 200 = 66M€
Платите кај стотина илјади вработени во приватниот сектор се веќе или ќе бидат Нула, кај стотина илјади ќе бидат намалени за пола, а кај остатокот ќе бидат намалени со околу 20%. Кај десетина проценти платите ќе се зголемат. Моја слободна проценка. Ризични се тие стотината илјади вработени што остануваат без плата и вработување.
Ако администрацијата издвои 25% од својата плата, а пензионерите издвојат 15% – тоа ќе биде околу 100 евра од администрацијата и 30 евра од пензионерите. Овие 130 евра ќе бидат 150 до 180 евра за 100те илјади вработени како помош/плата за да си ги задржат работните места. И да се прехранат.
Направив површни симулации за да го потврдам концептот, а стручни тимови во владата, министрите и “редовните” експерти ангажирани во владата може да го разработат. Можеби веќе и го прават ова. Не знам. Оваа постапка нема да изискува задолжување на земјата во првите месеци и може брзо да се спроведе.
Постојат големи предности ако ова се примени. Прво и основно, нема да има отпуштања и нема да има луѓе без плати. Второ и битно, со ова се обезбедува и администрацијата да има плати бидејќи фирмите ќе работат. Значи одржливо решение додека трае кризата.
Трето, и секако важно е дека ќе се сплотат луѓето, ќе се стимулира заедништвото, а администрацијата ќе сфати на своја кожа што значат “зафаќањата” од државата кога се непланирани и ненадејни (состојба која во приватниот бизнис е редовна појава).
Можеме да излеземе посилни и поздрави од оваа непријатна и застрашувачка ситуација … < 3 МК”