Над 100 милиони евра потрошени за 200 нефункционални апарати кои останаа низ болниците

0

Вкупно 199 медицински апарати во 74 јавни здравствени установи добиле епитет „нефункционални“ во април 2015 година, кога тогашното Министерство за здравство пратило Информација до Владата за состојбата со опремата низ болниците. Станува збор за апарати набавени и инсталирани од 1 јануари 2006 до април 2015 година – најголем дел од нив во рамки на големите набавки што ги правеше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е прва таква детална листа за состојбата со медицинските апарати до која дојдовме преку Барање за пристап до информации од јавен карактер.

Збирната информација покажува: 37 апарати за кои било финансиски неисплатливо да се сервисираат; 17 кои воопшто не можеле да се сервисираат; 21 апарат биле ставени во расход; за 39 бил во тек сервис, 64 биле ставени за функција, а уште 21 требало да се распише јавна набавка од Министерството за здравство. Повеќе од третина од нив се набавени во 2010, 2011, 2012 и 2013 година.

Колку чинеа тие набавки, државата никогаш не даде точна информација. Поранешниот министер Имер Селмани во 2007 година калкулираше со цифра од 40 милиони евра. Бујар Османи како екс министер за здравство во 2010 година зборуваше за набавки вредни 68 милини евра. Последниот министер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во одговор на интерпелацијата што СДСМ ја поднесе за него во Собранието во 2015 година, објави дека до тогаш, „вкупно се инвестирани над 100 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема“.

Министерството за здравство, пак, и по повеќе од еден месец откако испративме прашања и по пет потсетувања дека очекуваме одговор, не кажа дали е направена ревизија на големите набавки на медицински апарати и колку вкупно средства од буџетот на Министерството за потрошени за тие набавки за периодот од 2006 до 2015 година.

Менче Точи, новинарка која долги години одблиску го следи здравството, вели дека никогаш не се дозна колку вкупно тендери за медицинска опрема имаше, ниту колку како држава сме задолжени за тоа.

Менче Точи: Голем дел од овие апарати останаа да скапуваат по подрумите, а на многу од нив кога ќе се расипеше некој дел, болниците не можеа да го набават

Дали се земени кредити или се тоа буџетски средства? Ако беа само буџетски, се поставува прашање од каде толку пари во буџетот кога Министерството за финансии одбиваше да се финансираат реконструкции на одредни болници кои скапуваа, со образложение дека пари нема. Ќе го земам пример, најголемиот тендер за медицинска опрема во здравството кој толку се „напумпа“ што достигна сума и од 120 милиони евра.

Се направи непланско купување на медицински апарати, опремата некаде послужи, но некаде им помина и гаранцијата додека да се обучи кадар за да ракува со нив. Голем дел од овие апарати останаа да скапуваат по подрумите, а на многу од нив кога ќе се расипеше некој дел, болниците не можеа да го набават поради високите суми, деловите се многу скапи.

Дури и предизборно, пред заминување тогашната власт најави тендер за набавка на 3.700 апарати во вредност од 33 милиони евра. Како да не беше доволен претходниот. Многу од тие апарати што беа набавени корозираат и затоа што нема кој да работи одредени интервенции со нив – ни изјави Точи.

Според неа, јавна тајна е дека во вака големи проекти, големи тедери за медицинска опрема цените се превисоки, апаратите се прескапи, а со тоа можноста од корупција е поголема.

Целата сторија проследете ја на СКУП.

Претходна статијаЗошто Корона во Италија се рашири толку брзо – открија каде ја направиле грешката
Следна статијаКарлеуша до Македонецот: ,,Морам да ти признаам дека цела се наежив од тебе” (ВИДЕО)