Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција изрази убедување дека двојазичната табла поставена на зградата на Јавното правобранителство наскоро ќе биде отстранета бидејќи, како што рече, таа е поставена по грешка оти во Струмица нема повеќе од 20 проценти население од албанска етничка заедница.
„Во Кочани беше отстранета и на други места се отстранети, така што низ призмата на чесното почитување на Законот, она што законот го предвидува е практичната потреба на граѓаните.
И употребата на јазикот е заради практична потреба, не е за изнаселување на една заедница врз друга, туку за меѓусебно почитување на правата на употребата на мајчиниот јазик“, рече Заев.
Заев додаде дека двојазичните табли постојат само во средините кадешто граѓаните од албанска етничка заедница се повеќе од 20 проценти и изрази верување дека табли и на турски јазик би можело да бидат поставени во Гостивар или на српски во Куманово.
Политички пинг – понг за спроведување на двојазичноста во Северна Македонија. Табли се поставуваат, се вадат и се кршат, зависно од изјавите на политичарите кои веќе ја започнаа изборната кампања.
Пред два дена лидерите на двете најголеми македонски партии дебатираа за двојазичните табли.
Утредента, по оваа дебата настрада двојазичната табла во меѓу – општинскиот центар за труд и социјална работа во Прилеп. Вицепремиерот Бујар Османи рече дека Заев и Мицкоски грешат.
ТВ21: Вие велите дека во Прилеп и Велес треба да бидат и на албански јазик?
ОСМАНИ: Да, да. Во секоја регионална единица на централните институции кои покриваат најмалку една општина во која албанскиот јазик е службен, и таа институција е на двата јазика. Велес ја покрива Чашка, Прилеп Долнени, било која институција која покрива најмалку една општина каде албанскиот е официјален, и во таа институција албанскиот јазик е официјален.
Ова што го кажува Османи, е предвидено и во параграфот 2 од член 7, кој вели:
„Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.“