Васил Стерјовски: Бугарија врши агресивна политика на асимилација на Македонците

0

Оваа година е многу важна за Македонците во Албанија бидејќи ќе се спроведе попис и затоа е потребна поддршка од сите македонски здруженија, но и институционална поддршка од Македонија бидејќи има засилен притисок од бугарската пропаганда. Ова денеска во Битола го истакна Васил Стерјовски, пратеник од Македонската алијанса за европска интеграција во Собранието на Албанија.

– Албанија пред две години беше приуморана да признае бугарско малцинство иако не постои такво, Бугарија врши агресивна политика на асимилација на Македонците, сака да го искористи овој попис, да прикаже вештачко бугарско малцинство.

Ние сме оставени сами таму во Албанија, апелирам на поддршка од институциите на Македонија во договор со албанските институции, ние сме прво албански граѓани, Македонци и нерасклинлив дел од македонскиот народ, изјави Васил Стерјовски, пратеник во Албанското собрание.

Тој наведува дел од притисоците кои се вршат. -Прават бесплатни екскурзии во Бугарија. Нема млад во Преспа, Голо Брдо, а да не бил по една недела бесплатно во Бугарија. Нудат бесплатно образование.

Главното е што сите албански граѓани вклучително и Македонците се заинтересирани за бугарски пасош, како можност да мигрираат во западните држави. Тоа е демографски проблем, селата се испразнија. Албанските власти не сакаат да се мешаат, сметаат дека е проблем меѓу Македонија и Бугарија и не е нивна битка, рече Стерјовски.

Стерјовски денеска во Битола присуствуваше на Семакедонската регионална конференција помеѓу Сојузот на Здруженијата на Македонците и деца бегалци од Егејскиот Дел на Македонија – МАКЕДОН и Македонска Алијанса за Европска Интеграција.

-Разговараме за продлабочување на соработката помеѓу Македонците од двете страни на границата, со што ќе ставиме акцент на зближување на младите луѓе, изјави Александар Јаневски, Претседател на сојузот. МАКЕДОН.

Македонците во Албанија или Албански Македонци се признаено народно малцинство . Во пописот на населението од 1989 година, 4.697 луѓе се определиле како Македонци. Најголеми привилегии како малцинство уживаат Македонците во општина Преспа, каде што претставуваат 99% од населението и го користат мајчиниот јазик, како признаен малцински јазик во Албанија.

Сепак македонските организации од Албанија предупредуваат, дека бројот на Македонците во Албанија е потценет и дека немаат сопствени претставници во албанските власти и парламент. Луѓето кои се определиле како Македонци надвор од регионот на Мала Преспа, немаат статус на малцинство и малцински права.

Најголемиот дел на Македонците во Албанија живеат во Мала Преспа и Голо Брдо. Областа се наоѓа западно од Охридското и Преспанското Езеро во Република Албанија и е дел од македонскиот регион. Македонците претставуват мнозинство во селата: Леска, Пустец, Зрновско, Церје, Шулин, Глобочани, Долна Горица, Шулин и Горна Горица.

Административно тие краишта ја сочинуваат Мала Преспа. Центар на регионот е селото Пустец. Селата Прогун, Ракицко, Шуец, Заградец и Врбник, исто така се населени со Македонци и ја претставуваат општината Девол.

Претходна статијаЗаев проговори за моментите кога одел на нива во Муртино и копал
Следна статијаСледната недела е Прочка, а од понеделник започнува Великиот пост – еве колку трае и што се јаде