Вие што ни викате врати се од Дијаспора во МК па коментирај, сте мрднале ли од Скопје понатаму да видите како е

0

Препирките меѓу Македонците во дијаспората и оние во матичната држава на социјалните мрежи се речиси секојдневие. Токму поради тоа, ви ја пренесуваме исповедта на наш читател, Македонец кој живее во Америка.

Живеам во Америка околу три години. Статусот не ми е регулиран и мака мачам да дојдам до легални документи. По професија сум економист. Знаете, кај нас економисти да ги ринеш со лопата.

Не можев никако да дојдам до работа во струката и се одлучив за пат преку барата. Значи од мака, не од што ми било голема желба.

Потекнувам од мало рударско гратче во источниот дел од нашата држава. Моите беа работници, живеевме скромно, но сега со нивните пензии не се врзува крај со крај. Не сум оженет, па лесно се одлучив да заминам.

Сега овде работам како физички работник. Да, економист сум, ама копам канали. И не се срамам, бидејќи заработувам по 150 долари дневно. Од работа нема срам.

За овие години, овде запознав многу Македонци и на тие што зборуваат дека ние што сме се отселиле од Македонија, немаме право да ги коментираме актуелните настани во државата, ќе им кажам дека сите, ама баш сите си ја сакаат и копнеат по татковината.

Главните коментари насочени кон нас се, што не се вратиме од таму каде сме отишле, па во државата да се залагаме за подобрување на животот или против штетните политики кои се водат.

Господа, каде да се вратиме. Односно има каде, но од што да се живее? Мрднал ли некој од вас надвор од Скопје за да видиш дека во помалите места нема речиси никаква можност за просперитет на професионален план.

Сте слушнале ли дека цели села, па и мали градови се иселени. Еве да отворам некој дуќан, или да работам нива, на кого да му ја продадам стоката?

Е токму поради тоа, некои донесуваат заклучок, дека ние што сме надвор од МК, немаме право да се мешаме во внатрешните работи на матичната држава. Имаме бре пријатели, и тоа како имаме.

Можеби моите деца ќе се вратат и ќе живеат таму, можеби јас ќе се вратам, што знаеме што носи животот. И верувајте, не ми е сеедно дали ќе се вратам во мојата Македонија, или во некоја безимена држава.

Велите дека ние овде сме седеле со скрстени раце и ништо не сме правеле. Па гледате ли вие телевизија. Знаете ли само колку про тести се организираа во дијаспората против промената на името. Зар не го видовте грандиозниот протест во Австралија кој го пренесоа речиси исте светски медиуми.

Велите нам ни било лесно. Не другари, вам ви е лесно. Излегувате секој ден по кафиња, петок и сабота се враќате во три сабајле дома. Мама наутро ти спрема појадок.

Си земаш во Скопје некоја пристојна платичка и што би се рекло, се “пењавите” на нет. Јас, со завршен економски факултет, копам канали за дневница. Па сега видете кому му е лесно.

На крајот, сакам сите да ве поздравам, да ви посакам многу здравје и да не ни се повтори веќе никогаш оваа 2020 година. Бог да ни ја поживее нашата прекрасна држава, нашата најмила Македонија.

Обработи: П.П. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама

Претходна статијаПроф. Даниловски се огласи преку видео и одговори на прашањата и најголемите дилеми на граѓаните околу имунизацијата
Следна статијаВасил Зафирчев се пофали со своите 14 илјадарки (ФОТО)