Сакам да ги предупредам Македонците, особено оние во дијаспората – како ме изиграа со авионски билет

0

Авионскиот сообраќај минатата година беше значително намален, а неколку месеци во многу држави и комплетно откажан. Поради тоа, авиокомпаниите им  излегоа во пресрет на патниците и им ги откажаа, или презакажаа резервациите, без никакви пенали.

Известувањето од скоро сите авиопревозници, беше дека средствата ви стојат на вашата сметка и можете да си ги повратите или да ги искористите за купување на нов билет, со нови датуми.

Во едни вакви услуги, сите резервации и плаќања, почнаа да се прават електронски, на страните на авиопревозниците, или телефонски за разлика од порано, кога луѓето знаеа да отидат во агенција, или во претставништво на авиокомпанијата и да си купат физичка карта.

Но ова е веќе, речеиси сигурно минато. И во иднина, купувањето најверојатно ќе се врши преку интернет. Поради ова, сакаме да ви пренесеме искуство на наш иселеник во Америка, кој ни раскажа како го изманипулирале измамници.

-Здраво Галама. Имав купено билет преку авиокомпанијата Јунајтед, за 17 декември минатата година, од Нуарк (град во Њу Џерси), преку Виена до Скопје.

На 29 октомври, ми се јави човек на мојот мобилен телефон и ми рече дека мојот билет со кој требаше да летам на наведената дата, е биде откажан, поради тоа што, наводно Аустриан Еирлајнс ги откажала своите летови од Виена за Скопје.

Овде во Америка, телефонот постојано ти звони и ти нудат некакви „дилови“, или те предупредуваат на нешто од што би се исплашил, само за да ти земат пари. На било каков начин. Тоа се најчесто луѓе, во Америка популарно наречени „скамери“, кои оперираат од други држави, но користат американски телефонски броеви.

Ни на крај памет не ми падна дека би можело да биде манипулација, бидејќи човекот што ми се јави го знаеше моето име и презиме и конфирмациски број од летот.

Ми понуди опција да летаме преку Цирих до Скопје и ми рече дека треба да се доплатат 447 долари за двата билети. Јас имав инфо дека поради ковид кризата, авиокомпаниите не наплаќаат „пенали“, но манипулаторт ми објасни дека сега се работело за друга авиокомпанија и разликата треба да се доплати. Ќе повторам, јас цело време мислев дека разговарам со агент на Јунајтед.

Ги платив парите и заборавив на тоа, сè до 15 декември, само два дена пред летот, кога повторно ми се јавија (овој пат навистина од Јунајтед), да ми кажат дека летот преку Цирих е откажан и дека ќе треба да изберам друг датум и друг лет.

Ми кажа дека веќе следниот ден, има лет преку Виена, на мое големо изненадување. Но ајде си реков, можеби сега почнале да летаат. Агентката ми го закажа новиот лет и тогаш ја прашав, дали сега повторно ќе ми бараат пари?

Таа рече, не господине, промената на летот е од наша страна, за тоа не наплаќаме. Тогаш и напоменав дека пред еден месец ми наплатиле за иста таква промена и побарав да ми ги вратат парите.

Агентката ме убедуваше дека не наплаќаат и ме замоли да проверам на мојот ибенкинг, на кого сум платил, дали тоа било навистина Јунајтед. Кога отворив, имав што да видам. Сум платил на некаква веб страна.

Тогаш вработената во Јунајтед, откри дека има вметнато некаков меил во нивниот систем, кој не е мој, а на кој стигале сите промени за мојот билет. Ми кажа дека не сум едиснтвен случај и да си ги побарам парите назад преку банката.

Им се јавив на оние кои ми наплатија и им кажав дека знам како ме излажале. Побарав да ми ги вратат парите. Тие ми понудија да ми вратат само 200 долари и ми напоменаа дека ако ги барам сите пари, ќе ми биде откажан билетот.

Прекинав со нив, почекав да се оствари летот, а парите си ги побарав назад преку банката. Безобразието отиде дотаму што „скамерите“ ми се јавија и ми рекоа да ја откажам жалбата за враќање на парите во банката, бидејќи ќе пуштеле некаква пријава на аеродромот. Некакви стратегии за да се уплашиш и да ги послушаш.

Кога размислив како го изведуваат сево ова, дојдов до следниот заклучок. Најверојатно имаат свои луѓе во компаниите кои им ги кажуваат конфирмациските броеви, името и презимето.

Штом некој ти го има конфирмацискиот број и презимето, може да влезе во апликацијата, да го отвори твојот билет и да ти го канцелира, или да прави некакви промени, во твое име, без да има потреба да се најави на апликацијата. Вака е на Јунатед, но проверив и на Аир Србија е исто, претпоставувам и кај другите компании.

Според мене, ова е голем пропуст на авиокомпаниите, кој треба да го решат. Измамниците ти влегуваат во билетот, ти го менуваат и после ти се јавуваат и ти нудат да ти направат промена. Доколку поверуваш (како мене) ќе си платиш и нема ниту да се посомневаш. Ете, во мојот случај, имав среќа да дознаам, многумина, најголемиот број не дознаваат.

Сакам ова да го знаат што повеќе наши луѓе и да внимаваат за да не се соочат со проблемот кој го имав јас. Поздрав Галама.

Обработи: П.П.   Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама

Претходна статијаПрв роденден на Оливера без Балашевиќ, ќерката Јована објави емотивни зборови за својата мајка
Следна статијаЕдна година без Драган Вучиќ: Сопругата Весна упати силна порака