Битолскиот професор со прогноза за Битола: Прилично добро се држевме до пред неколку дена, но низок ни е колективниот имунитет

0

Професорот Дејан Трајковски, кој прави анализи на ковид бројките и дава соодветни прогнози, кои најчесто излегуваат точни, синоќа се позанимава со неговиот град, Битола.

Битола за време на оваа пандемија се држеше прилично добро, факт кој се оправдува со повисоката едуцираност на населението, како и хигиенските навики на жителите на овој град. Еве ја анализата на проф. Трајковски:

„02.04.2021. Се оствари моето стравување за Битола, изнесено после ноемврискиот пик, дека Битолчани мораат и понатаму многу да внимаваат, поради ниското ниво на колективен имунитет.

Прилично добро се држевме и во овој бран, се до пред неколку дена. Додека во цела држава наближува врвот на бранот, а во некои градови веќе настапил, во Битола допрва се разгорува епидемијата.

Со ефективен репродукционен број Rt = 1,64 ± 0,81 (седумдневен просек, жолтата линија на првиот дијаграм), којшто се уште се искачува, од оваа точка не се гледа врвот.

Ако до неодамна велевме дека бројот на активни случаи искачува бавно (зелената линија на првиот дијаграм), деновиве таа забрзува нагоре како никогаш досега. Ако ништо не се преземе, бројот на активни случаи може да достигне 1700, а бројот на хоспитализирани преку 150.

Експоненцијалниот раст на дневните бројки на нови случаи дополнително забрзува (на вториот дијаграм), како да не сме стигнале ни до половина пат до врвот (на државно ниво искачивме најмалку 80% од патот и веќе се гледа врвот).

На третиот дијаграм забележуваме дека 14-дневната инциденца за Битола денеска се изедначи со државната и продолжува да искачува со уште побрзо темпо.

Делумно тоа се должи на резултатите од тестирањата коишто започнаа да пристигнуваат од болницата „Плодност“, но тоа сепак не е пресудно – епидемијата сепак вистински се разгорува и без тие 60 теста дневно.

Единствено засега можеме да бидеме релативно комотни според кумулативната инциденца од почетокот на епидемијата (на четвртиот дијаграм), но со ваков раст не би било необично дури и да ја достигнеме државната кумулативна инциденца, т.е. вкупниот број на случаи од почетокот на епидемијата, сметан на 100.000 жители.

Единствениот утешителен показател, барем засега, е двојно помалиот просечен дневен морталитет во Битола во пролетниот, споредено со есенскиот бран. Додуша, се уште е рано за конечни заклучоци, со толку многу хоспитализирани се е можно.

Дали преполовениот морталитет можеби се должи на лекот Ивермектин којшто во битолската болница им се дава рутински на сите болни? Вчера самата директорка ми кажа дека Ивермектинот е како Космодиск – изгледа шашаво, ама изгледа дека помага.

Ефикасноста на Ивермектинот ми остана последното неодговорено прашање во врска со епидемијата на ковид во Македонија.

Ако лекот користи, зошто да не им се препишува на сите болни. Ако пак не помага, сосема да се исфрли од употреба. Би била вистинска штета ако никогаш не го дознаеме одговорот на ова прашање.

Во меѓувреме, крајно време е Битолчани конечно да сфатат дека сме среде многу силен епидемиски бран и да се воздржат од влегување во затворени кафулиња и кафеани, барем во следните дваесетина дена.

Докторите и сестрите во болницата, колку и да се трудат, не можат толку да поправат колку што ќе расипат во кафеаните.

Претходна статијаСиноќа по подолго време на ТВ се појави Вело Марковски – го поддржува Заев за летањето со хеликоптер и е против носење маски на отворено
Следна статијаВиолета: Кога беше мала ќерка ми си играше со другарчето албанче – не си ги знаеа јазиците, но се разбираа