Спасов: Оставете Бугарија, сега пасоши за пари даваат од Велика Британија до Црна Гора

0

„Со последните случувања на релација Македонија – Бугарија од противењето на Софија за старт на преговорите за влез во ЕУ и провокативните изјави на бугарските функционери Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, пизмата во македонската јавност достигна високи нивоа.

Освен навредливите пораки на социјалните мрежи упатени кон нашите соседи кои исто така не штедеа зборови на навреди и омаловажувања, следни за јавен отстрел дојдоа македонските граѓани со двојно државјанство поточно сопственици на бугарски пасоши.

Интересен е фактот дека овие граѓани уште од влезот на Бугарија во ЕУ не беа толку во центар на јавноста како што се сега. Навредувани, омаловажувани на социјалните мрежи, (ис)користени од страна на бугарската јавност за создавање дополнителни проблеми во врска со долго очекуваниот попис, овие граѓани станаа семе на раздор во македонското општество.

Не дека тие не постоеја претходно, но блокадата на Софија дополнително ја поттикна фрустрацијата на македонските граѓани од вечното патување кон евроинтеграциите па овие граѓани станаа боксерска вреќа како да тие се најголемите виновници за состојбата во државата.

„Неосвестени Бугари“ или „предавници“?

Еден од моментите кој најмногу се појавуваше во прозивките и нападите врз граѓаните со двојно државјанство е изјавата која се потпишува при аплицирање за бугарско државјанство во која апликантот изјавува дека има бугарско потекло и се чувствува како Бугарин.

Овој документ од страна на Бугарија се користи како доказ дека не постојат Македонци и дека тие според националистичките изјави се „неосвестени Бугари“, додека од македонската јавност се користи за етикетирање на „предавниците“.

За работите да бидат појасни, секоја држава користи горе долу исти услови и стандарди за одобрување на државјанство. Државјанство се стекнува на повеќе начини и тоа е утврдено со внатрешните закони и меѓународното право.

Сепак, самата процедура варира од држава до држава и може за оние кои се лесни во лепење на етикети за предавници, да создава претстава дека Бугарија бара документ – изјава со цел да го негира постоењето на македонскиот народ.

Од друга страна, ретко кој до сега ги прашал оние македонски државјани кои се стекнале со бугарско државјанство, зошто тоа го направиле, дали навистина се чувствуваат како Бугари и дали веќе живеат во Бугарија и придонесуваат во тоа општество или единствен интерес им бил полесно да најдат работа во Европската Унија. Колку и нас тоа да не ни се допаѓа, факт е дека со бугарскиот пасош, далеку полесно се добива пристап до пазарот на труд во сите европски земји и студирањето е олеснето бидејќи сте израмнет со останатите државјани на ЕУ“, пишува меѓудругото Соња Стојадиновиќ за Рес публика.

Овој текст го коментира професорот Ѓорѓи Спасов, која надополнува:

-Одлична анализа. Плус држајанства на многу земји можат и да се купуваат. Од Велика Британија до Црна Гора се воведоа можности за доделување државјанства на лица кои ќе депонираат стотици илјада долари во нивните банки за да ги привлечат олигарсите од земји чии државјанства не им овозможуваат бизнис на светскиот пазар и правна заштита на имотот.

Се доделуваат државјанства на богати странци кои сакаат да го избегнат плаќањето даноци во својата земја и државјанства, на добри спортисти да можат да играат за државната репрезентација или на разни бандити за да бидат заштитени од евентуално депортирање во нивната земја заради сторен кри минал.

Нели и ние на сопругата и синот на милијардерот Субрата Рој од Индија во времето на Груевски им доделивме државјанство заради “придонес” во економскиот развој на земјата. А тие беа “вистински” Македонци.

Тоа што Бугарија сака да ги прикаже сите Македонци што зеле и бугарско државјанство како “етнички Бугари” треба да се игнорира како заостаток од националистичка свест таму и ваму и како правдање на “патриотскиот бизнис со пасоши на ЕУ” од страна на Каракачановци.

Ние кон двојните државјанства мора да имаме посовремен и полиберален пристап. Тоа е индивидуално право и слобода која не треба да се ограничува за да не стане привилегија на малкумина кои со тоа решаваат егзистенцијни проблеми.

Претходна статијаПораки до дијаспората: Зошто им го правите ова на Македонците, ќе станат малцинство во сопствената држава
Следна статијаСега ми е важно само да се разбудам наутро и да помине уште еден ден: Владо Јаневски инспириран за изненадувања