Жител на селото каде беше потпишан Преспанскиот договор: Јас сум грчки Македонец

0

Тројца репортери на Дојче Веле од Северна Македонија, Албанија и Грција патуваа во пограничните региони во трите земји и се распрашуваа за малцинствата. Еве што забележаа во Нивици, местото каде што е потпишан Преспанскиот договор:

Се упатуваме кон Псарадес (Нивици), мало, живописно селце на Преспанското Езеро. Тоа е местото кое поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев го одбраа за потпишување на Преспанскиот договор. Само сините езерски води ја двојат Грција од Северна Македонија и Албанија.

Сретнуваме стар човек. Флоријан му зборува на грчки, па јас се обидувам со македонски. „Здраво”, велам и имам среќа. Открив дека е тука роден, но раснел во Македонија кога уште била дел од Југославија. „Македонец сум”, вели тој, „а, во куќава живеат Албанци”. Нѐ поканува подоцна да пиеме кафе во неговиот ресторан.

„Мислите ли дека има славо-македонско малцинство“, прашувам жена Гркинка. Арбер се крие зад камерата, додека Елона слика детали од селото. „Не, ние сме на грчката страна од границата”, вели жената.

Многу луѓе, особено во Северна Грција, каде заедничката историја станала предмет на битка од новонастанатите нации, мислат исто како неа.

Многу Македонци во Солун ми велат дека не ја откриваат својата национална припадност. Грците, особено во регионот Македонија, не се среќни заради името на соседната држава. Донекаде го разбирам тоа. Сепак, агресијата и навредите кои ги слушам од Грците за нивните соседи се надвор од сите граници.

Сум бил во задграничните села, сум разговарал со многу луѓе кои се Грци, а зборуваат македонски. Но, официјалната агенда на грчката влада е едноставна: тие луѓе не постојат.

Одиме на кафе кај грчкиот Македонец од пред малку. Арбер зборува со него на македонски цело време. Гркинката која рече дека нема славо-Македонци во Грција седи зад нас и пие грчко кафе.

Човекот нѐ запознава со синот и снаата. Синот гордо ни го покажува познатиот преспански грав, кој насекаде во Грција е прочуен по извонредниот квалитет.

Го прашувам: „Дали си Грк? Дали си Македонец? Или си двете?” Вели: „Јас сум грчки Македонец”. Се смета за грчки патриот, како многу славо-Македонци со кои сум зборувал.

Тие всушност го преферираат изразот етнички Македонци, како што ни вели Павлос Воскопулос. Тој е член на партијата Виножито која ги застапува правата на малцинствата. Го сретнавме во Лерин, нашата следна одредница.

„Мора да направиме драстични промени во образовниот систем”, вели Воскопулос. „Мора да ги учиме децата за плурализмот во регионов. Толку прекрасно сме се измешале низ столетијата. Тоа треба да го гледаме како предност.”

Целата сторија проследете ја на Дојче Веле на македонски јазик

Претходна статијаЧетирите места на кои со сигурност ќе бидете безбедни од Корона вирусот
Следна статијаПо синоќешните случувањa во Синѓелиќ се огласи и градоначалникот на Гази Баба кој беше на лице место и откри што се случувало