Со кандидатите за бугарски пасоши работеле над 100 посредници кои помагале во собирање документи и адреси за регистрација. Македонците за бугарски пасош плаќале 1.000 евра, Косовците и до 5.000 евра, тврди сведок за БТВ
Македонците биле ценовно „привилегирани“ во процесот за добивање бугарски паош. Ова произлегува од сведочењето за националната бугарска телевизија БТВ на лице кое „одблиску било запознаено“ со корупциска шема во Агенцијата за Бугарите во странство – скандал кој деновиве ја тресе Бугарија и предизвика апсење на директорот на Агенцијата.
„Најлесно се станува Бугарин ако си отвориш фирма и назначиш 10 вработени. Врз основа на оваа трговска дејност, се добива статус на постојан престој. Вториот начин е кога странски државјанин од земја надвор од ЕУ, поседува фирма и си вади сертификат за отворање трговско претставништво во Бугарија.
Третата варијанта, која најчесто користи во последниве години, е да се издејствува статус за постојан престој врз основа на документ за бугарско потекло“, објаснува сведокот.
Според него, со кандидатите за бугарски пасоши работеле над 100 посредници и токму тие помагале во собирањето на потребните документи и адреси за регистрација.
„За добивање сертификат за бугарско потекло на лице од Македонија тарифата е 1.000 евра, а за лица од Косово помеѓу 3.000 и 5.000 евра“, тврди сведокот.
Во последите десет години вкупно 74 946 македонски граѓани земале државјанство во некоја од земјите во Европа. Омилени дестинации се Италија, Швајцарија и Германија, покажуваат податоците на Евростат.
Само во 2018 година земјите од Европската унија дале вкупно 672.270 државјанства на граѓани од други земји. Најмногу на жители од Мароко – 67.156, потоа од Албанија – 47.441 и Турција – 28.386, покажуваат податоците на Евростат.
Од нашата земја во 2018 година вкупно 7.627 граѓани зеле државјанство во некоја од државите во Европа. Најголемиот дел од нив во Италија – 3.487, потоа во Швајцарија – 1.606 и Германија – 945.
Ова е намалување за 450 во однос на претходната 2017 година, кога 8.077 македонски граѓани земале државјанства во земји од ЕУ.
Во последните десет години вкупно 29.428 македонски граѓани земале италијанско државјанство. Околу 14 илјади тоа го сториле во последните три години, од кои рекордни 6,771 во 2016 година.
По Италија, омилена земја за македонските граѓани биле Швајцарија и Германија каде во последните 10 години се иселиле по 16.935 и 9.333 граѓани.
Во статистиката на Евростат се наведува и податокот дека во 2008 година најголем број државјанства македонските граѓани земале во Бугарија – 3.637, по што нагло се намалува статистичкиот број и се движи од 400 до 200 граѓани