Д-р Даниловски: Како да се заштитиме од втор бран Корона по излегувањето од карантин

0

Заштитата против заразните болести се темели на стекнување на специфичен имунитет. Тоа подразбира формирање на специфични антитела во организмот, кога во него ќе навлезе причинителот (па велиме, сме ја прележале болеста) или кога во него (во организмот) ќе внесеме мртов или жив, ама атенуиран (ослабен) причинител, за да се имитира заразување со болеста (вакцинација). Тие антитела го штитат поединецот понатаму во животот, пократко или подолго време (дури доживотно).

Но, има поединци меѓу нас (и деца и возрасни) кои не смеат да се заразат од болеста (како сега КОВИД-19), зашто тоа за нив може да значи смрт (постарите лица и оние со веќе постоечки хронични заболувања, потоа, лица коишто имаат т.н. имунодефицит заради малигни и други заболувања, лица кои примаат т.н. имуносупресивна терапија заради трансплантација на органи и други.

За дел од горните категории (лицата коишто имаат имунодефицит заради малигни и други заболувања – примаат хемотерапија, лица кои се на имуносупресивна терапија заради трансплантација на органи и други), важи дека не смеат ниту да се вакцинираат.

И како тие да се заштитат? Да се преселат на пуст остров!?

Не! Постои нешто што се вика колективен имунитет. Имено, кога одреден поголем процент (60-95%, зависно од болеста; за корона вирусов е 60%, но за морбилите дури 95%) од вкупниот број граѓани станат имуни против одредена болест, тие ќе претставуваат бариери, кои ќе ги заштитат оние кои се незаштитени!

Од друга страна, ако постои епидемиско ширење (како сега), тоа ќе престане само ако се достигне т.н. праг на колективниот имунитет (во случајот со новиов корона вирус, тој е 60%, ако земеме основниот репродуктивен број да изнесува 2,5).

Но, тој процент може и да се намали, ако се намали основниот репродуктивен број. Како може да се намали? Денес, кога сè уште не постои ефикасна терапија, ниту вакцина, за таа цел на располагање ни се две групи на мерки:

1. Рестриктивни мерки (намалување на зачестеноста на меѓучовечките контакти – држење социјална дистанца), со различен степен на строгост, од препораки до строги забрани за движење. Од нивната строгост, но и од дисциплината во спроведувањето од страна на граѓаните, зависи и времето кога ќе почнат да се забележуваат ефектите.

Стручно велиме, кога ќе почне да се намалува основниот репродуктивен број. Па така, да речеме, ако се намали од 2,5 на 1,5, ќе се намали и прагот на колективниот имунитет од 60% на 33%. Тоа значи дека доволно ќе биде 33% од осетливата популација да стане имуна, за да сопре епидемијата. (Се разбира, тоа нема да го сопре понатамошното напредување на вирусот, но тоа ќе се одвива само преку кратки ланци на инфекција или спорадични случаи).

И веќе е елаборирано на друго место, тоа во моментов е можно само преку инфицирање на граѓаните со вирусот (за да станат имуни кон него), во што е можно подолг период (додека не стане достапна вакцината).

Зошто? За да не се пречекори капацитетот на здравствениот систем. Да потсетиме, тоа го нарекувавме „зарамнување на епидемиската крива“. Затоа и се преземаат рестриктивните мерки.

2. Меѓутоа, никогаш не се доволни само рестриктивните мерки. Зошто?

Затоа што тие не може до бескрај да се на сила. Затоа што не може да се дозволи да пропадне економијата во земјата. А тоа неизбежно би довело до нови епидемии – на глад, болести на сиромаштијата итн.

Штом е така, мора да се стори уште нешто, за да не се случи, по повлекувањето на рестриктивните мерки, да ни се врати епидемијата како бумеранг, да нè погоди втор бран.

Зошто да нè погоди втор епидемиски бран? Затоа што сè уште нема да биде достигнат прагот на колективниот имунитет. Како да се намали интензитетот на неизбежниот втор бран?

Само со откривање на што е можно повеќе скриени кластери на случаи, кои може да бидат појдовни жаришта за нови ланци на инфекции. А како последица повторно би имале експоненцијален пораст на бројот на случаите.

Како може да се откријат тие скриени кластери?

Примерите на Јужна Кореја, Јапонија укажуваат дека најпрактично (и најефтино) е тоа да се прави со што е можно помасовен и брз скрининг на општата популација, а не само на ризичните групи.

Со какви тестови се прави тој масовен скрининг?

Со помош на серолошки тестови кои даваат резултат на лице место за десетина минути (заради што се викаат и „брзи“ тестови). Се разбира, први треба да се тестираат здравствените работници и оние кои се грижат за болни или позитивни лица (членовите на нивните семејства). Светската здравствена организација инсистира и двете групи на мерки да се комбинираат!

Во пракса, меѓутоа, наместо да го спроведат масовниот скрининг на општата популација НА САМИОТ ПОЧЕТОК на експоненцијалниот раст на епидемиската крива и со тоа, сосема логично, да ја спречат стихијата во самиот зародиш, во почетокот на кризата многу земји тоа го правеа недоволно. Меѓутоа, сè повеќе состојбите се менуваат и масовното тестирање е сè повеќе застапено.

И кај нас масовно ќе се тестира. Се подготвува студија на серопреваленција, токму со брзи серолошки тестови, со насоки од Светската здравствена организација. Тоа дефинитивно ќе даде увид во дистрибуцијата на вирусот во општата популација.

Извор: Доктори

Претходна статијаПо Кина уште една голема држава на чекор да го победи Корона вирусот: Доби пофалби од Светската здравствена организација
Следна статијаПо синоќешните настани се огласи и Чулев и објасни што точно се случило – нема селективна правда