Вучиќ: Србија нема да биде паркинг за мигранти – границата со Македонија ќе ја затвориме херметички

0

Илјадници мигранти и натаму се заглавени во тампон-зоната на грчко турската граница, откако Анкара им дозволи на мигрантите и на бегалците да стигнат до Европа. Грчката полиција спречила 7 илјади мигранти да влезат на нејзина територија, а уапсила 24 лица од Авганистан и Пакистан.

Сите оние кои нелегално влегле во Грција и немаат профил на бегалци, ќе бидат сместени во касарна во близина на Серес, за веднаш да се депортираат во земјата на нивното потекло. Ова е планот на грчката влада и според министерот за миграција и азил, од 1 март, во рок од еден месец никој да не може да достави барање за азил.

„Не сакаме на мигрантите да им се даваат лажни ветувања, сакаме мирен дијалог со Турција за причините за бегалската криза и да ја нормализираме состојбата на границата, ова е пораката на ЕУ“. – Ерик Мамер – портпарол на ЕК.

Европската унија тесно ќе соработува и со земјите од западен Балкан во управувањето со мигрантските текови, велат од Брисел. Германскиот Бундестаг со големо мнозинство го отфрли барањето на Зелените за прифаќање 5.000 бегалци од грчките острови.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, истакна дека постои тројна безбедносна мрежа за да не се повтори мигрантската криза од 2015 година, која предвидува мигрантите да бидат запрени на Западен Балкан доколку ја пробијат грчката граница.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нареди Армијата, полицијата и Агенцијата за безбедност и информации на Србија херметички да ја затворат границата кон Македонија доколку дојде до наплив на мигранти кои со денови од турската страна се обидуваат да влезат во Грција, пишува српски „Блиц“ повикувајќи се на потрвда од српскиот врв.

Вучиќ превентивно се определил за тоа, имајќи ја предвид националната безбедност, но е сигурен дека Србија доколку има потреба ќе може да ја заштити својата територија.

Повеќе од 130.000 мигранти моментно се на турско-грчката граница, а Србија доколку има потреба ќе може да ги заштити своите граници и територија од мигрантите и ќе биде водена единствено од националната безбедност и безбедносните интереси, изјави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ. .

Тој истакна дека српските служби ги добиваат сите важни информации и ќе донесат одлуки според ситуацијата.

Ако има потреба да се заштитат и зачуваат границите, тоа ќе го сториме на ефикасен начин. Овој пат нема да чекам одговори од ЕУ, но ќе дејствуваме апсолутно и исклучиво во интерес на нашата безбедност . Граѓаните не треба да бидат загрижени затоа што Србија има доволно капацитет и сила да се заштити. Ќе разгледаме и како реагира ЕУ.

Отсекогаш сме покажувале солидарност со сите оние кои бегале од воени зони и не сакаме да се однесуваме нехумано, но ќе мораме да ја зачуваме безбедноста на граѓаните на Србија.

Србија нема да дозволи да стане паркинг за мигрантите. Ако некој смета дека Србија треба да стане паркинг, ќе покажеме дека тоа нема да се случи на јасен, недвосмислен начин нашите државни тела нема да дозволат влез во Србија на оние лица за кои сметаме дека би можеле да ја загрозат безбедноста и сигурноста на земјата, рече Вучиќ.

Во исто време, премиерката Ана Брнабиќ најави владина седница за мигрантската криза.

Претходна статијаФросина од Скопје: Се ближи денот на кич парадата на женичките што се палат на екибани и попусти у спа центри
Следна статијаСведочеше сопругот на Марина Туцаковиќ и откри зошто му давал пари на Боки 13