Тања Каракамишева: ,,На вчерашната експертска средба кај претседателот Пендаровски разменивме правни мислења за начинот како да се спроведе политичката одлука донесена од партиите за одложување на изборите.
Како што е информирана јавноста, за одложување на изборите се сите партии, а ние како експерти бевме повикани да го најдеме правниот начин кој треба да биде легален и во согласност со Уставот. На средбата беа разменети различни ставови и мислења.
Дел од експертските ставови конвергираа со мислењето дека треба веднаш да се воведе вонредна состојба, дел да се оди постапно во процесот на прогласување кризна состојба, дел сметаа дека треба повторно да се состане Собранието.
Имајќи предвид дека ние како експерти немаме информации за тековната состојба во здравството, економските текови и слично при разгледувањето на можностите зборувавме само за правната димензија на сите опции.
Мојот став беше дека во целава ситуација треба да се оди чекор по чекор во прогласувањето на кризната состојба со цел да се искористат сите можности што на владата и ги дава законот за управување со кризи.
На овој мој став веднаш имаше реакција дека вонредната состојба е неопходна поради реконструкција на буџетот, економската помош на стопанството и сл. поради што практично се утврди дека потребата од воведување на вонредна состојба не е поради одложувањето на изборите, туку поради економски колабираниот систем. И тоа јавноста треба да го знае.
Впрочем,премиерот, а вчера и претседателот Пендаровски на “Топ тема” потврдија дека во моментов е најнеопходно да се интервенира со економска помош во приватниот сектор и дека ребалансот на буџетот е прашање на време.
Оттука, се потврди тезата дека вонредната состојба е најпреферирана опција за власта од економски аспект, односно дека таа не е поврзана со одложувањето на изборите.
Наспроти форсирањето на власта за вонредна состојба, мојот предлог беше да се оди чекор по чекор со кризната состојба, а да се бара излез за изборите преку Уставниот суд.
Најголем дел од експертите сметаа дека решението треба да се бара во прогласување на вонредна состојба при што со уредба со законска сила донесена од владата ќе може да се поништи одлуката на Собранието за самораспуштање и решението на Џафери за одржување на изборите.
Според дел од експертите, со оваа уредба практично ќе се врати можноста за повторно свикување на Собранието.
Мојот став беше дека со уредба со законска сила НЕ МОЖЕ да се поништат одлуката и решението на Собранието, бидејќи тоа не е правно можно и еден ден ќе биде оспорена законитоста на оваа уредба.
Уредбите со законска сила во вонредна состојба имаат сила на закон. Практично, владата во вонредна состојба ја презема законодавната надлежност на Собранието, но актите што треба да бидат поништени со уредбата со законска сила не влегуваат во таквата надлежност.
Оттука, правно неодржливо е со уредба со законска сила да се поништуваат актите на Собранието што не се закони.
Дури ако се сеќавате јас реагирав кога Собранието со закон поништи друг закон, тогаш кажав дека е тоа правно неодржливо, конкретно мислев на законот за лустрација.
Лично сметам дека целата правна разврска околу одложувањето на изборите не треба да се бара во владина уредба, туку во Уставниот суд. Во услови на распуштено Собрание, ДИК ја презема операционализацијата на активностите утврдени во изборниот роковник.
Со оглед дека животот на луѓето и нивното здравје е врвен приоритет во Уставот и на секое владино делување, предлагам ДИК во соработка со владата да побараат од Уставниот суд итно поништување на решението за распишување на изборите донесено од страна на претседателот на Собранието.
Уставниот суд е должен да ги штити уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, Судот е должен да го штити Уставот и уставниот поредок на државата и во тој контекст треба итно да реагира во ситуација кога постои наметната виша сила, vis major со цел да се спречи натамошното кршење на човековите права.
Ако во вакви пандемични услови се одржат избори тоа би значело директно кршење на основните права на граѓаните, нарушување на нивното здравје и на животот на луѓето.
Со оглед дека во Собранието е веќе донесена одлука за самораспуштање и претседателот на Собранието има донесено решение за распишување на изборите кои требаше да се одржат на 12. април, најрационално во моментов е да се направи итен состанок на ДИК, претседателот на владата и претседателот на Уставниот суд, во насока Судот итно да го поништи решението на претседателот на Собранието за распишување на изборите без да се поништува одлуката на Собранието за самораспуштање.”