Помеѓу Германија и САД почнува спор околу германска компанија која работи на вакцина против коронавирус, а за која Доналд Трамп сака да откупи ексклузивна американска лиценца, објави весникот „Welt am Sonntag“. „Се обидува да ја обезбеди вакцината за САД“.
„Американскиот претседател се обидува со големи количини на пари да ги донесе германските научници кои работат на вакцина против коронавирус во САД или да обезбеди ексклузивни права за вакцината“, објави „Welt am Sonntag“, повикувајќи се на извори во Министерството за здравство.
„Трамп прави се од себе да обезбеди вакцина за САД, но само за САД“, изјави неименуван портпарол на федералното министерство за здравство во Берлин.
Претставникот на Министерството објасни дека германската влада е исто така „заинтересирана за развој на вакцина против коронавирус и во Германија и во Европа“.
Компанијата CureVac од Јужна Германија, Тјубинген на почетокот на март објави на веб-страницата дека извршниот директор на компанијата се состанал со американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Мајк Пенс, како и со претставници на фармацевтски компании собрани во работна група за борба против ширењето на коронавирусот.
„Во таа прилика разговаравме за стратегии и опции за брз развој и производство на вакцина против коронавирус“, рече извршниот директор на CureVac, Даниел Меникела.
Како што изјавил извор од Министерството за здравство за „Welt am Sonntag“, Германија сега се обидува да го спречи Вашингтон да стекне ексклузивни права за вакцинирање од германска компанија.
„Германската влада е во интензивни преговори со CureVac“, рече претставник на владата.
„Welt am Sonntag“ објави дека германската влада се обидува да ги задржи „финансиските понуди“ на CureVac во Германија.
Администрацијата на CureVac одби да ги коментира тврдењата на медиумите, но за Ројтерс во петокот изјави дека работи на нова вакцина што може да биде комплетирана на почетокот на летото.
Извор: Локално