Стравот меѓу македонските работници на кинеската компанија „Синохидро“ не го намалува ниту тоа што нивните кинески колеги, по враќањето од татковината, меѓу другото, 14 дена треба да поминат во карантин.
Како што се ближи денот за враќање на работниците на кинеската компанија „Синохидро“ од одмор во татковината така расте загриженоста кај нашите работници што заедно со нив се ангажирани во изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Некои од нив дури имаат намера да ја напуштат работата од страв од можна зараза со коронавирусот, кој зимава се појави токму во Кина, а во покраината од каде што доаѓаат кинеските работници досега се регистрирани над сто случаи на заболени.
Стравот не го намалува ниту тоа што работниците од „Синохидро“, пред враќањето во Македонија, 14 дена треба да поминат во карантин, како една од дополнителните мерки за претпазливост за справување со ширење на заразата од коронавирусот, кои неодамна ги утврдиле министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Народна Република, Кина Џанг Ѕуо.
– Најавите дека деновиве од родната Кина, каде што беа на зимски одмор, ќе се вратат некои од вработените на „Синохидро“ кај нас предизвикаа оправдан страв, вознемиреност и неспокој, бидејќи се работи за вирус што е лесно пренослив и опасен по нашето здравје.
Ако се има предвид и фактот дека во провинцијата од каде што доаѓаат работниците на „Синохидро“ има над сто регистрирани случаи на заразени со овој вирус, тогаш стравот е повеќе од оправдан.
И покрај сознанието дека работниците што треба да се вратат во земјава се наоѓаат во двонеделен карантин, сепак и овој факт не нѐ прави да бидеме апсолутно сигурни и целосно заштитени од овој опасен вирус.
Соочени со овој животозагрозувачки проблем, дури помислуваме и да ја напуштиме компанијата, бидејќи животот е поскап од секакви пари, а имаме и семејства за кои треба да водиме грижа – велат повеќемина овдешни работници во оваа компанија.
Тие посочуваат дека во оваа фаза од изградбата на автопатот не се неопходни работниците од Кина, бидејќи нивната главна работа се однесуваше на тунелите, кои се речиси целосно завршени.
Целата сторија проследете ја на Порта.мк