Борјан Ефтимов: Високото образование во Македонија се распаѓа

0

Новиот студентски лидер Борјан Ефтимов вели дека студентите заедно со професорите треба да бидат погласни за малите инвестиции во високото образование и барањето решенија за бројните проблеми. Професорите ја поздравуваат желбата за активизам, но се скептички дали има кој да ги слушне.

Новиот претседател на универзитетското Собрание Борјан Ефтимов состојбите во високото образование ги оценува како катастрофални и укажува дека студентите заедно со професорите во иднина треба по гласно да тропнат на вратата на надлежните институции за да издејствуваат решавање на некои од горливите проблеми.

Студентскиот стандард, застарена опрема на лабораториите, невложувања во реновирање, немање пари за научни истражувања, скромна трпеза во студентските домови, се стара болка на факултетите со години наназад, со која Ефтимов со соочува на почетокот од мандатот кој му завршува на крајот од годината.

Тој вели дека потешкотии на студентите им создаваа и недостигот на млад кадар и оти сите овие проблеми претставуваат пречка за студентите да стекнат доволно квалитетно образование какво што имаат нивните колеги во други држави, особено во европските земји кои издвојуваат двојно повеќе пари за образование од Македонија .

„Високото образование во Македонија се распаѓа. Инфраструктурата е катастрофална, нема квалитетни амфитеатри, нема квалитетни лаборатории, нема квалитетни читални ако воопшто има, лабораториите се од пред 50 години, наставните кадри секоја година се намалуваат и нема обнова, институти и факултети имаат недостаток на наставни кадри. Целата ситуација е катастрофална“, вели Ефтимов кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

До изборот на Ефтимов доаѓа по две години од носењето на законот за високо образование кој беше инициран по големите студентски протести во кои и тој учествуваше.

По овие протести пред неколку години по подолго време пред неколку месеци на протест излегоа студентите на Институтот за хемија кои заедно со професорите побараа од надлежните обновување на кадарот и на застарената опрема.

Ефтимов вели дека тие се на добар пат но нагласува дека за да има резултатите потребно е да има бројност на студентските движења.

„Ја знам ситуацијата на Институтот, но тој е најгласен, треба цел УКИМ да се дигне и да каже јасно и гласно дека нема доволно финансии, дека нема доволно средства и можности да се изгради универзитет по најсовремени стандарди и заедно со професорите да бараат повеќе финансии за да не се наоѓаме во оваа ситуација кај што сме сега и да тргнеме напред“, изјави Ефтимов.

Ефтимов укажува дека буџетот кој го издвојува државата за образование изнесува 60 проценти од буџетот за образование во земјите од Европа, а тоа е речиси двојно помалку.

Целата сторија проследете ја на Радио Слободна европа

Претходна статијаЗа едно деноноќие може да и кажете збогум на настинките и грипот
Следна статијаНино од Скопје со 20 години ја започнал македонска приказна како од Силиконската долина