Пред Нова година ќе оствари една многу голема желба – промоција на првиот студиски албум „Нов свет“, и тоа во две изданија – македонска и англиска верзија, чии музички продуценти се Марга Сол и Роберт Билбилов.
Во новата 2019 си посака уште една многу, многу, голема желба која е само нејзина, интимна.
Викторија Лоба (30), поп-пејачка со ангелска убавина, сѐ повеќе ја освојува македонската поп-сцена, ама со својата професионалност и изглед е интересна и за комерцијалните брендови.
– Јас сум артист и тоа вклучува повеќе таленти и секако, многу одговорна работа што јас со широко срце ја прифаќам зашто ме прави да се чувствувам слободна, среќна и исполнета – вели Лоба за своите ангажмани.
Станала пејачка спонтано, по детската „Евровизија 2003“.
– Откако знам за себе, музиката секогаш имала посебно место во мојот живот, таа е мојот канал преку кој добивам чиста и искрена енергија – вели Лоба.
Што ја тера напред, а што не би повторила?
– Насмевките на моите најблиски ме тераат да творам и да бидам сигурна во себе, а нешто што не би го повторила е да бидам жртва за луѓе што не ме ценат – вели пејачката.
Постојат повеќе настапи и патувања кои ѝ враќаат интересни спомени.
– Не би можела да издвојам сега, но дефинитивно ми претстојат уште многу убави моменти и патувања што си ги имам замислено за следната година – раскажува Викторија.
Семејството дефинитивно ѝ е најголема поддршка.
– Тука спаѓаат и моите блиски соработници, луѓе со кои имаме исти цели и кои ми помагаат во реализација на мојот сон – вели Лоба.
Целото интервју може да го прочитате на „Независен.мк“