Група премрзнати мигранти, кои од Турција пристигнале во Грција, во селото Неа Виса во близина на грчко-турската граница кај Еврос, за да се загреат земале огревно дрво од пред локално кафуле кое во тоа време било затворено. Не сакале да украдат дрва, па на сопственикот на вратата му оставиле писмо и во него 10 евра.
“Групата луѓе вчера дојде од Турција, а поради студеното време требаше да запалиме оган, па ги искористивме вашите дрва. Ве молам земете ги парите”, пишувало во писмото оставено до сопственикот.
Приказната за чесноста на мигрантите ја објавиле грчките локални медиуми, а сопственикот на кафулето, Димитри Казанзис, во изјава за “Радио Тесалоники” рекол дека утрото, кога го отварал локалот, го чекало огромно изненадување, пренесува МИА.
“Тоа многу пријатно ме изненади. Писмото беше стуткано, а парите во него не се гледаа. Се прашував што би можело да биде, а кога го отворив, покрај зборовите на англиски јазик, во него имаше и пари”, рекол Казанзис и објаснил дека писмото со парите било закачено на влезната врата на кафулето.
Иако неговиот локал често го посетуваат мигранти кои минуваат од таму, Казанзис тврди дека со нив немал никакви проблеми, но и дека вакво пријатно нешто досега не му се случило.