Сиднеј – Таму, покрај македонските православни цркви „Свети Кирил и Методиј“ и „Света Петка“, во реонот Кабрамата, дел од Сиднеј е изградена третата МПЦ што го носи името “Свети Никола”. Поголг период оваа црква беше на удар од несогласувањата на црковно и општествено поле, за што останаа лузните од судските спорови. Меѓутоа, состојбата се измени со формирањето на Сиднејско-австралиската епархија на Македонската православна црква, проблемот се реши во февруари 2016 година.
Според некои податоци, во Сиднеј и околните места живеа околу сто илјади Македонци од сите делови на Македонија. Без разлика од кои простори на Македонија се задомиле, тие претставуваат нераскинлив и значаен дел од целокупниот мозаик на македонската вистина.
Тогаш, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, конечно, го одобри регистрирањето на Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, со седиште во Сиднеј. Оваа епархија ќе работи во форма на непрофитно здружение на граѓани, сочинето од македонските православни заедници чии храмови влегоа под надлежност на митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, во декември 2012 година.
Инаку, Кабрамата едно од најтипичните работнички населби и големо предградие на Сиднеј , каде што се лоцирани бројни индустриски капацитети. Таму се доселени бројни македонски семејства кои имаа потреба од свој македонски духовен и национален дом. Тоа е МПЦ „Свети Никола“ во Кабрамата, каде покрај Македонците има бројно иселеништво од сите балкански земји.
Иницијативата за изградба на црквата „Свети Никола“ ја покренаа активистите од МПЦ “Свети Кирил и Методиј”, кои, поради оддалеченоста на црквата решија да изградат уште еден храм. Поточно, на 3 февруари 1980 година е формиран Одбор од 15 членови, меѓу кои за претседател беше избран Драган Размовски кој, заедно со својот брат Кире Размоски подарија средства, а Петар Јанкуловски ја презеде оперативната градежна работа, а се вклучија и бројни иселеници кои спроведоја широки активности за изградба на новата црква.
Потоа, во мај 1983 година отпочна изградбата на црквата “Свети Никола” по долги подготовки на Одборот. Тоа беше настан што со радост беше примен од голем број Македонци кои живеат на тие простори. Еден од најзначајните датуми на оваа македонско светилиште на петтиот континент е 8 февруари 1987 година, кога беше извршено осветување на храмот од митрополитот Тимотеј во сослужение на голем број свештеници. Црквата е од тврд материјал, има храм и голема сала, а во неа се активни женската и други секции.
Овој храм, заедно со катедралата „Св. Кирил и Методиј“ во Розбери, е под Македонската православна заедница за Австралија (МПЗА). Таа е најстарата македонска организација во Австралиската федерална држава Нов Јужен Велс. Основана е во 1969 година, а регистрирана е како посебно правно лице – непрофитно и невладино здружение на граѓани, во 1971 година. Од 1998 година МПЗА е основачка членка на Здружението на македонски заедници од Австралија, кое претставува Сојуз на регистрирани Македонски организации од цела Австралија.
Голем дел од основачите на МПЗА биле етнички Македонци прогонети од Егејскиот дел на Македонија. За нив организацијата била основна база за слободно одржување и развивање на македонскиот идентитет и македонското заедништво, како што за Македонците од Вардарскиот дел била Република Македонија. Се‘ со цел да се ослободат православните Македонци од асимилаторските индоктринации на Грчката, Српската и Бугарската православна црква во Австралија,
Инаку, владиката г. Тимотеј, во сослужение на свештеникот Ѓорѓија Поповски, во јануари 2015 година го освети новиот иконостас на храмот „Свети Никола“ во Кабрамата, со што ја продолжи канонската посета на Австралија. Претходно, откако беше одржано основачко собрание за регистрација на првата епрахија на МПЦ во Австралија, г Тимотеј изврши и осветување на новата градба на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиднам, а отслужи и литургии во храмовите „Свети Димитрија Солунски“ во Вулунгонг, „Свети Никола“ во Перт и „Свети Јован Крстител“ во Џилонг.
Пишува Славе Катин. Целиот текст прочитајте го на мн.мк