Дејан живее во Јапонија заедно со своето семејство. Таму се преселил кога имал 26 години и работел главно по ресторани. Денес има сопствена фирма која се бави со увоз, а се надева еден ден – и со извоз. Започнал со волонтерска работа најпрво во Шкотска каде се среќавал со германци, Данци, Англичани, Финци… и една Јапонка, која наскоро му станала единствена.
После година дена поминати во Шкотска заминал на шест месеци во Индија, исто така волонтерски, па се вратил дома уште 4-5 години, па во 2005 година заминал во Јапонија.
„Овде не познавав никого, освен својата девојка, а после неколку месеци ми стана сопруга. Јазикот не може да биде потежок, а културата поразлична. На почетокот, секако дека се’ е ново и интересно, но како поминува времето, новото станува секојдневие, а интересното“ – обично, раскажува Дејан.
Јапонските готвачи одговараат за секаква грешка, дури и за онаа што не ја направиле тие И така година по година, збор по збор и нашиот соговорник како што тој вели, речиси се претворил во Јапонец. –„Тешко ми е да го објаснам животот во Јапонија бидејќи нашите луѓе се’ споредуваат со животот кај нас, а овде нема нема што да се споредува“ – објаснува тој.
Открива дека платите се поголеми и како готвач во Јапонија има поголема плата од нашите министри. –Со тоа што готвачот овде работи 15 часа дневно и патува уште 2-3 часа. Само 4 слободни денови во месецот. А и од тие 4 барем 2 доаѓа да доработи нешто што не стигнал. Летно време има 3, а зимно време 2 дена слободни.
Нашите министри не се знае што работа, ама за јапонските готвачи се знае дека не се штедат- готвачите овде имаат многу голема одговорност. За секоја грешка што ќе ја направат нивните подредени – тие се виновни.
Културата е дијаметрално спротивна на нашата
Додека кај нас припадноста кон колективот се искажува со омраза и напади, во Јапонија својата култура се почитува на начин да се трпи. Се трпат навреди, понижувања, се прифаќа вината и кога ја нема, додека не ја заслужиме почитта на луѓето со кои работиме, а се’ за добробит на општеството на кое му припаѓаме.
Кај нас за се’ имаме изговор и некој друг ни е виновен
Во Јапонија тоа е знак за недораснатост и несериозност. Тоа се гледа во самата комуникација. Кај нас кога некој ќе греши доволно е да каже „се извинувам“ и „прости“. За истото во Јапонија се вели „Немам оправдување!“ – објаснува Дејан додавајќи дека дури и кога имаме оправдување, нема да го кажеме. Верувам дека ова многу тешко ќе го сфатат нашите луѓе кои за се’ имаат оправдување и за секоја грешка некој друг им е крив…
Дури и концептот на пријателство во Јапонија е поинаков. Овде пријатели ви се луѓето со коишто работите. А кога не работите, тогаш пиете заедно…Се’ е поврзано со работата – заклучува нашиот соговорник. Токму како и пријателствата, и неговиот живот наголемо е врзан за работата – моментно се бавам најмногу со мојата фирма.
Фокусиран сум на некои производи за кои ми е потребен голем капитал, со оглед што промоциите се скапи а без тоа не можеш да направиш ништо позначајно. Но, како што би рекле Јапонците, немам оправдување, можам само попосветено да работам – се шегува Дејан во духот на својата домаќинска култура.