Апсолутно е неприфатлива амнестијата порача премиерот Зоран Заев по консултацијата со новата пратеничка група за нивните барања за уставните амандмани. Премиерот Заев по средбата со пратеничката група на Канческа Милевска посочи дека поддршка за амнестија нема ниту од нив.
-Ќе го формираме националното координативно тело кое треба да ги најде начините за помирување. Овде во рамките на невлијание врз правниот систем на државата. Пост фестум откако се се случува да се наметнуваат вакви решенија апсолутно го дерогираат правниот систем на државата – рече Заев.
Тој рече дека остварена е консултативна средба со новата пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за нивните барања во процесот на давање поддршка на отворањето на уставните промени. Тој додаде дека разговарале и за четвртата точка, односно за комисијата за помирување.
-Останува да ги димензионираме следните чекори за ова тело кое ќе го предводи Талат Џафери, да има тројца членови од новата пратеничка група и координаторите на сите пратенички групи. Задоволен сум од состанокот и верувам дека ќе успееме да се усогласиме – изјави Заев.
Заев се надева дека во телото за помирување ќе партиципира и пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.