Најдобриот другар на Тоше: Сè си мислам дека од негде ќе се појави

0

Изминаа 11 години од трагичната смрт на поп иконата Тоше Проески. Македонија се уште не може да го преболи пејачот кој прерано си замина од овој свет, а тагата се чини најмногу се чувствува во неговото родно Крушево.

Михајло Ќурчиески беше еден од неговите најдобри другари, а и него не му се верува дека изминале толку години од загубата на својот пријател. Како што вели Михајло, не може да верува дека Тоше не е повеќе жив и секој момент помислува дека ќе се појави од некаде.

„Времето минува брзо. Како вчера да беше најлошиот ден во мојот живот, а денес се навршија 11 години. Изгледа нестварно. Се уште мислам дека ќе се појави од негде.  Навистина чекам да се појави од негде. Да се изнасмееме, да играме одбојка пет-шест часа без прекин. Голема е празнината во душава и срцево. Не се пополнува никако. Речиси на сите им фали како пејач, како познат лик на кој се воодушевувале“, раскажа Ќурчиески за „Фокус“.

Како што вели тој, Тоше бил културно и паметно момче, кое во неговото Крушево постојано застанува да се поздрави со крушевчани.

„Мене ми недостасува како најдобар другар. Како брат од кој можев само да учам секојдневно. Ми недостасува како човек близок до совршенство. Нема такви луѓе денес, а како него нема ни да има. Со такви особини. Да помогне на секој, а да не го знае никој.

Од неговиот дом, до теренчето каде игравме фудбал, пристигавме за половина час, што е невообичаено. Тој мораше да застане со секој крушевчанец, да се поздрави, да размени некој убав збор. Од срце го правеше сето тоа. И затоа допре до толку луѓе“, додава Ќурчиески.

Михајло смета дека Тоше не бил доволно ценет од јавноста, а исто изрази жалење што неговиот гроб се уште нема достојна спомен плоча.

„Мислам дека ниту го ценевме ниту го цениме доволно. И не го заслужуваме. Затоа што ние го бараме лошото во човекот, а не доброто. За гробот не сакам да се мешам, но мислам дека е и срамота што 11 години нема негова спомен плоча“, го заврши разговорот Ќурчиески.

Извор: Фокус

Претходна статијаСАД до Мицкоски: Разочарани сме од раководството на ВМРО-ДПМНЕ
Следна статијаПаѓа одлуката која сите со душа ја очекуваат: Дали „Виз ер“останува или заминува од Македонија?