Мојата сопруга е незадоволна од бракот. Ова го знам веќе подолго време, не е од вчера. Порано се сомневав дека има некој швалер, дека е заљубена во друг… еднаш ја следев. И го проверував мобилниот, секогаш кога се бањаше и влегував во Фејсбук профилот, ги читав сите пораки, со кого зборела, каде вртела…
Ама по некое време дигнав раце. Ако навистина има некој швалер, тогаш многу добро го крие, немам друг одговор за тоа. После само се сомневав дека е незадоволна, дека јас некако не ја задоволувам во постела, па после си реков дека џабе се оптеретувам, истиот сум си, ништо не се сменило.
После почнав да ја правдам дека поминува низ некоја фаза и дека ќе и помине, дека можеби влегува во менопауза а има нешто со хормоните, што знам, не се разбирам многу во тие работи.
Излегуваме кога можеме и во времето кога се сомневав дека е незадоволна, се трудев колку што можам повеќе да ја расположам и да ја усреќам. Дури почнав да користам и некои стимуланси. Ама џабе. Таа е мртва ладна, незаинтересирана.
Ќе дојде од работа, ќе се собереме со децата, ќе ручаме и после си легнува да отспие малку. Ќе стане, ќе појде до некоја комшивка на кафе или ќе гледа некоја серија. Вечерта ќе направи ручек за следниот ден или нема, ќе јадеме некои прженици или кој како ќе се снајде (не и префрлам никогаш), ќе се избања и ќе си легне.
Со мене едвај прави муабет, со децата не е премногу блиска ама се грижи за нив. Сега кога сум сигурен дека не е до мене, туку до неа, веќе не се трудам.
Ќе оставам работите да си течат по својот тек, па што сака нека биде. ја сакам, ама нема да бидам роб на нејзиното незадоволно секојдневие. Според она што ми го префрлаше со години наназад, заклучив дека е незадоволна бидејќи имала премногу очекувања.
Веројатно сакала многу да патува, да купува нови алишта, штикли, чанти, што знам, да се забавува. Дури, после толку години брак, сега се прашувам дали таа мене воопшто ме сакала некогаш?
Кога се зедовме имав повеќе пари бидејќи платата ми беше многу висока. Компанијата пропадна и мојата кариера, ама јас пак се снајдов, пак работам и добро заработувам. Можеби немам пари за луксуз, ама за пристоен живот секако!
Ова го пишувам зошто имав потреба да ги упатам идните брачни партнери, добро да се преиспитаат пред да влезат во брачните води и да основаат семејство.