Шкотската полиција ги предупреди жителите на селата Дрпган и Колхал во источен Ејшир да бидат претпазливи бидејќи во таа област слободно се движи црн пантер, кој, најверојатно, е повреден.
Според британските медиуми, пантерот бил забележан во поле во близина на патот B730, а жителите се советуваат да бидат внимателни додека полицијата не ја пронајде големата мачка.
„Скај њуз“ известува дека експерти за диви животни се повикани да помогнат, а во потрагата е вклучен и хеликоптер.
Полицијата почнала пребарување по дојава дека во областа е забележано животно што личи на црн пантер.
Тимот за спасување животни од организацијата СПЦА соопшти дека тие ја информирале полицијата оти немаат опрема за такви животни и поради тоа не би биле корисни во потрагата.
Областа каде што бил забележан пантерот е популарна пешачка зона, а има и училишта во близина.
Весникот „Индипендент“ пишува дека пантерот бил забележан првпат околу 9 часот наутро и дека шкотската полиција оттогаш добила голем број повици во врска со случајот.