Душичка ме влече во Македонија, но разумот вели дека мора да се вратам назад во Италија

0

Приказната што наш иселеник ни ја раскажа околу новогодишните празници, ја отсликува цела тежина која ја носат нашинците кои живеат надвор од границите на Македонија.

-Се обидувам речиси секоја Нова година и повеќето празници да ги дочекам дома. Јас сум иселеник и живеам и работам во Италија скоро 10 години.

На почеток бев сам, но потоа дојдоа и сопругата и децата и сега убаво сме снајдени и со работа и со стан. Не можам да се пожалам од ништо таму.

Убаво заработуваме, јас работам во фабрика, а жената се снаоѓа, кога земјоделие кога нешто друго, ама ни стигнуваат пари за се’.

Децата ни одат на училиште и јазикот супер го совладаа. Минатото лето поради ситуацијава што не снајде не успеавме да си дојдеме во Македонија и едвај чекавме да дојде одморот сега па за да се вратиме.

Премногу ми фалеше домот и семејството. Моите мајка и татко со душа не’ чекаат за да се видиме.

Таму сме одделени од сите, ни роднини, ни пријатели, плус па живееме во место во кое нема многу Македонци и ни фали баш македонски муабет.

Барем сега за овие неколку недели што си поседовме дома се изнаприкажавме со сите, се изнавидовме со роднините и покрај се’.

Новата година и празниците си ги поминавме дома со најблиските и воопшто немав потреба да шетам на други места. Порано, кога ќе си дојдевме тука, цело време одевме некаде, или на наши ски-центри или во Бугарија.

И сега имавме можност но не сакав, желба ми беше да си седам дома со моите и да си уживам во одморот. Одамна не бев јадел од мајчините раце, се изнамачи кутрата се’ да ни зготви и да ни угоди

Зелникот сама го расука, лепче, кифли, многу ми фалеше нејзиното тесто. Воопшто не се споредува домашното со купеното. Сопругата знае да меси и готви, но никој не може како сопствената мајка. Се изнаиграа со децата, подароци еден куп и пакетчиња им дадоа од радост.

Немаше никаква празнична атмосфера во градот освен гужвите по пазари и продавници. Сите си седат по дома и не видов баш дружба меѓу луѓето. Одморот ни помина неверојатно брзо.

Деновите ни беа исполнети, а и како што е познато, броените денови брзо минуваат, па ете веќе дојде ред и да се подготвуваме за враќање.

Тоа ми е најтешкиот дел. Не ми е поради работата што ме чека, можам да работам деноноќно за пари, но навиката и топлината на домот ме влечат да останам.

После толку време се навикнав да сум дома покрај моите и да си седиме и смееме секој ден, па не сакам ни да помислам да се вратам во туѓина каде секој си е зафатен со свои обврски и ретко седнуваме и на ручек заедно.

Кога сум таму не мислам толку на дома, едноставно знам дека имам работа и немам време толку да тагувам за дома.

А сега е поинаку, плус па неизвесноста од ситуацијава не ми дава мир. Сакам секој момент да го поминувам со моите затоа што не знаеме што не’ чека во иднина.

Многу ќе ми фали куќата во која израснавме со сестра ми, седенката со татко ми на сабајле со греана ракија до нас. Самиот воздух е поразличен од таму, поинаква е слободата, има луѓе на секој чекор со коишто може да се поздравиш насабајле или да направиш два реда муабет за разлика од таму каде што секој си гледа своја работа.

И полесно ми е децата да ги пуштам тука да прошетаат, отколку таму. Ќе мора да чекам следен одмор па да се вратиме дома, друг избор немаме. Многупати сум размислувал што ќе се случеше ако не заминев од тука, или пак, некогаш мислев да се вратиме, но пустите пари ме влечат.

Ќе се жрт-вувам само за фамилијата, децата да ги израснам и школувам, тоа ми е најважно. Знам дека сето тоа со тамошните плати може да го остварам и тоа ме одвраќа од помислата да се вратам. Тешко е, само некој што е надвор од својот дом го разбира ова.

Како и да е, штом се нафативме да живееме во странство, ќе мора да издржиме и тоа да е местото на кое припаѓаме. Ако размислиме пак, за децата домот е таму, ние сме со нив, таму израснале и за нив туѓината е вистински дом. Колку и да е тешко мора да се вратиме и да продолжиме со рутината во секојдневнието и да се надеваме на подобро време.

Обработи: С.С. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама

Претходна статијаСаше кој живеел и работел во Словенија, Италија и Германија сака да каже нешто важно
Следна статијаЌерката на Џеј ја напушти работата, еве со што ќе се занимава – татко ѝ би бил горд на неа